Словачкиот премиер Роберт Фицо предизвика бура од реакции откако им рече на студентите дека стравува од поширока војна во Европа и отворено ја доведе во прашање можноста Словачка да биде вовлечена во воен конфликт поради членот 5 од договорот на НАТО.
„Се плашам од војна“, им рече Фицо на студентите по медицина во универзитетската болница во Прешов минатата недела.
Словачкиот премиер тврдеше дека војната во Украина „излегла од контрола“ и предупреди на можноста таа да се прошири. Потоа им претстави на студентите хипотетичко сценарио во кое од Словачка би се барало да подготви „5.000 војници, 10.000 војници“ и да ги испрати во битка.
„А ние дури и не знаеме против кого се борат, ниту зошто, ниту поради која причина“, рече Фицо.
„Не сакам војна поради некаков си член 5.“
Фицо потоа се осврна на еден од темелите на НАТО – членот 5 од Северноатлантскиот договор. Тој го воспоставува принципот на колективна одбрана, според кој вооружен напад врз една членка се смета за напад врз сите.
„Не сакам Словачка да биде дел од каков било воен конфликт поради некаков си член 5“, рече Фицо.
Истовремено, тој нагласи дека Словачка го цени членството во НАТО и важноста од исполнување на обврските кон Алијансата. „Но, како премиер, ќе направам сè за да осигурам Словачка никогаш да не биде вовлечена во воен конфликт“, рече тој.
Изјавите на Фицо предизвикаа критики од словачката опозиција, но и реакција од соседна Чешка.
Чешкиот претседател Петр Павел, кој пред да влезе во политиката беше генерал и претседавач со Воениот комитет на НАТО, го доведе во прашање разбирањето на Фицо за сојузничката солидарност.
„Ако некој вели дека му е мило што е член на НАТО, но не е подготвен да се вклучи доколку некој друг биде нападнат, тогаш тој не го разбрал зборот солидарност“, рече Павел.
Фицо возврати тврдејќи дека разбира оти Павел, како поранешен генерал на НАТО, би сакал да оди во војна, додека тој претпочита мир.
Стравувањето на словачкиот премиер од поширока војна го делат многу Европејци, но тој се соочи и со остри критики во својата земја. „Зар тој не е премиер? Зар тој не е лидер на земјата? Зарем не треба да го води народот наместо да изразува страв?“, праша поранешниот словачки министер за надворешни работи Миро Влаховски, кој денес е истакнат соработник на тинк-тенк организацијата „Глобсек“ (GLOBSEC).
„Моето прашање до него како премиер е: во ред, дури и ако ситуацијата е толку лоша како што велите, она што сакам да го слушнам од вас е како земјата е подготвена. Што направивте за да се подготвите? Кој ќе ни притекне на помош во случај да бидеме нападнати?“, изјави Влаховски за Дојче веле (DW).
На прашањето дали изјавите на Фицо би можеле да ѝ наштетат на позицијата на Словачка меѓу сојузниците, Влаховски одговори: „Тоа веќе се случи.“
Што навистина значи Членот 5?
Изјавите на Фицо исто така го отворија прашањето што всушност би се очекувало од Словачка во случај на напад врз земја-членка на НАТО. Повикувањето на Членот 5 не значи автоматски дека секоја земја-членка мора да испрати свои војници во борба.
Северноатлантскиот совет најпрво би требало со консензус да утврди дека ситуацијата потпаѓа под одредбите на Членот 5; потоа, секоја држава би ги презела мерките што ги смета за неопходни. Овие мерки би можеле да вклучуваат употреба на вооружена сила, но таквата акција не претставува автоматска обврска за секоја членка.
Досега, Членот 5 е повикан само еднаш – по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година.
Словачка веќе е заштитена од сојузниците
Истовремено, Словачка веќе има корист од механизмите за сојузничка солидарност за кои зборуваше Фицо. По почетокот на руската инвазија врз Украина, на словачка територија беше формирана мултинационална борбена група на НАТО, во чиј состав, покрај словачките сили, има и припадници од други земји-членки.
Нејзината цел е токму одвраќање од евентуален напад врз Словачка.
Критичарите гледаат и политички калкулации
Противниците на Фицо не ги гледаат неговите изјави исклучиво низ призмата на безбедносната политика. Словачкиот премиер следната година се соочува со избори, а некои аналитичари сметаат дека преку својата реторика во врска со војната и НАТО, тој се обидува да допре до гласачите кои се скептични кон Алијансата и кон воената помош за Украина. Поранешниот словачки министер за одбрана, Јарослав Над, смета дека ширењето страв од можна светска војна му оди во прилог на рускиот претседател Владимир Путин. „Токму тоа го сака Владимир Путин“, изјави Над, кој ја извршуваше функцијата министер за одбрана од 2020 до 2023 година, а сега е лидер на вонпарламентарната опозициска партија „Демократи“.
Според неговото толкување, Москва реагира на ставот на европската јавност дека континуираната поддршка за Украина би можела да доведе до директен судир меѓу НАТО и Русија.












