Поранешниот светски тениски рекет број еден, Швајцарецот Роже Федерер, влезе на листата на најбогати луѓе во светот за 2026 година, објави „Форбс“. Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, освојувач на 20 гренд слем титули, 103 титули во кариерата и човекот кој помина 310 недели на врвот на АТП-листата, досега стекна богатство од приближно 1,1 милијарда американски долари.
Секако, станува збор за сумата што ја заработил на теренот како спортист, но и како бизнисмен надвор од теренот преку спонзорства или инвестиции.
Федерер е само еден од ретките спортисти на листата на оние што го преминале магичниот праг на заработка од една милијарда долари. Поточно, тој е само седмиот спортист што успеал. Пред него, само голферот Тајгер Вудс, боксерот Флојд Мејведер Јуниор, кошаркарите Меџик Џонсон, Мајкл Џордан и Леброн Џејмс и фудбалерот Кристијано Роналдо успеале да го направат тоа.
Се верува дека, кога станува збор за светот на тенисот, Новак Ѓоковиќ е зад Федерер со богатство од околу 500 милиони долари, Рафаел Надал со околу 400 милиони, Серена Вилијамс со околу 350 милиони.












