Само три дена по поразот од Шпанија во финалето на Светското првенство, Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) се најде во центарот на голем корупциски скандал. Според шпанскиот весник „Ас“, повикувајќи се на порталот „Инфобае“, агенти на ФБИ го запреле авионот на делегацијата на АФА на аеродромот ЏФК во Њујорк и заплениле телефони и други електронски уреди на челниците на Федерацијата.
Под истрага се претседателот на АФА, Клаудио Тапија, благајникот Пабло Товиџино, како и двајца аргентински бизнисмени. Американските власти ги сомничат за измама и перење пари преку компанијата „Тур прод ентер ел-ел-си“, која наводно служела како посредник за комерцијалните договори на Федерацијата.
Според истрагата, преку оваа компанија биле префрлани милионски суми од спонзорства и од маркетиншки договори, а анализираните финансиски трансакции надминуваат 300 милиони долари. Се тврди дека компанијата присвојувала околу 30 проценти од комерцијалните приходи на АФА, додека дел од парите биле префрлани преку сметки во неколку американски банки.
Аргентинските челници, според најавите, треба да се појават пред суд во Флорида на 30 јули, кога ќе треба да дадат информации поврзани со спорните финансиски операции.
Од АФА категорично ги негираат сите обвинувања. Адвокатот на Тапија изјави дека станува збор за лажни и неосновани тврдења, додека одбраната на Товиџино тврди дека тој не добил никаква покана од американските или од аргентинските власти.
Доколку се покажат обвинувањата како точни, ова би можел да биде еден од најголемите финансиски скандали во историјата на аргентинскиот фудбал, кој веќе се нарекува во јавноста „АФА-гејт“.











