Скопје, од 21 до 29 септември, ќе биде домаќин на едно од најпрестижните танцови случувања во Европа во класичен балет, џез, модерен и современ танц – IDO European Championship 2026 (Европско првенство на Интернционалната танцова организација, која обединува над 90 земји и над половина милион танчари во светот). Притоа, повеќе од 3.000 врвни танчари од 26 европски земји ќе настапат во спортскиот центар „Борис Трајковски“, претворајќи го градот во голема сцена на талент, движење и врвна танцова уметност.
Под слоганот „Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата“, првенството нема да ја претстави Македонија само како домаќин туку и како земја со богато културно наследство, автентичен ритам и приказна што заслужува да биде раскажана пред европската публика.
По успешната организација на Светското првенство во хип-хоп во 2024 година, Македонија повторно ќе пречека илјадници танчари, тренери, судии и љубители на танцот.
– Пресреќни сме што Скопје повторно ќе биде центар на европската танцова сцена и што ќе пречекаме во нашиот град повеќе од 3.000 врвни танчари од 26 европски земји. Покрај културниот и спортскиот аспект на првенството, особено ни е важно што преку овој настан ги промовираме македонската традиција и вредностите на кои светот секогаш гледа со воодушевување кога ја посетува Македонија – истакнуваат организаторите Трајче и Андријана Петковски од танцовото студио „Брејк а лег“.
Во текот на деветте натпреварувачки дена, Скопје ќе живее во ритамот на балетот, џезот и на современиот танц, потврдувајќи дека Македонија може да биде значајна европска сцена за културата, уметноста и за спортот.

Во пресрет и за првенството, на плоштадот „Македонија“ и во комплексот „Македонско село“, е снимено промотивното видео, со цел европската публика да го запознае Скопје и да ја почувствува убавината на Македонија. Во видеото главната улога ја има Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина што настапила на сцената на престижниот Бољшој театар во Москва. Нејзината изведба го носи духот на претстојното првенство: елеганција, сила и македонска гордост.












