Остатоци од птица се пронајдени во моторот на авионот „боинг 737 НГ“ на „Рајанер“, во кој патник беше делумно вовлечен низ скршен прозорец кратко по полетувањето од Грција во јули, објави Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (НТСБ) на САД.
Одборот го истражува инцидентот во кој се одвои дел од моторот од авионот и скрши прозорец, низ кој за малку ќе излеташе патник од Србија. Авионот, кој летал кон Германија, тогаш го загубил притисокот, па морал принудно да слета во Солун.
Во прелиминарниот извештај за инцидентот од 10 јули, НТСБ соопшти дека екипажот пријавил четири сомнителни удари од птици во моторот број два во 12-те месеци пред несреќата.
– Наводно се пронајдени остатоци од птици во два случаи, иако не е пронајдена штета во текот на последователното одржување – се вели во извештајот.
НТСБ соопшти дека моторот ЦФМ, произведен од францускиот „Сафран“ и од американскиот „Џенерал електрик“, бил проверен во мај и тогаш не биле откриени неправилности.












