Италија ќе испрати помош во воздушна одбрана до земјите од Персискиот Залив погодени од иранските напади започнати како одмазда за нападите на САД и Израел, изјави денес премиерката Џорџа Мелони.
Одделно, министерот за одбрана Гвидо Кросето денес изјави пред парламентот дека Италија ќе испрати поморски сили, заедно со Франција, Шпанија и Холандија, за да ја бранат членката на ЕУ, Кипар „во наредните денови“, објави Сигнал.
„Италија, како Обединетото Кралство, Франција и Германија, има намера да испрати помош до земјите од Персискиот Залив. Јасно зборуваме за одбрана, воздушна одбрана, не само затоа што тие се пријателски нации, туку и затоа што има десетици илјади Италијанци и околу 2.000 италијански војници во областа што мораме да ја заштитиме. А, Заливот е од витално значење за снабдувањето со енергија на Италија и Европа“, изјави Мелони за радио RTL.
Во обраќањето пред парламентот во четврток наутро, министерот за надворешни работи Антонио Тајани објасни дека некои стратешки земји од Персискиот Залив „формално побарале поддршка од Италија за зајакнување на нивните капацитети за воздушна одбрана од напади што доаѓаат од Иран“.
– Десетици илјади Италијанци, цивили и воен персонал, биле во тие региони. Досега, Министерството за надворешни работи им помогнало на околу 10.000 Италијанци да ги напуштат областите што се изложени на ризик – рече тој.
Кросето, обраќајќи се пред парламентот, прецизираше дека помошта испратена до земјите од Персискиот Залив ќе биде „воздушна одбрана, системи против беспилотни летала и противракетни системи“, пишува бриселски Сигнал.
Тој рече дека во Италија издал наредба за подигнување на заштитата на националната мрежа за воздушна и ракетна одбрана на максимално ниво, во координација со НАТО.
Кога беше прашана за евентуалното вклучување на три американски воени бази лоцирани во Италија во војната, Мелони рече дека тие веќе имаат одобрение за „операции што не вклучуваат бомбардирање“ и дека секоја промена во ова ќе треба да ја разгледа нејзината влада, а веројатно и италијанскиот парламент.
– Но, до денес не сме добиле никакви барања во врска со ова – додаде таа, што Кросето го потврди пред парламентот.












