Вистинска драма се одвива уште пред стартот на новата сезона во Формула 1, пред трката за Големата награда на Австралија.

Според најновите информации, тимот на Астон Мартин разгледува неверојатно сценарио, возење круг за загревање, а потоа веднаш паркирање на болидот. Причина за тоа е сериозен недостиг на резервни делови по проблемите што се појавија за време на претсезонските тестирања.

Наводно, имало технички тешкотии со компонентите што ги испорачува „Хонда“, а ситуацијата е толку чувствителна што тимот нема доволно резервни делови за безбедно изведување во текот на целата трка.

Во превод, постои реален страв дека евентуален дефект или инцидент би можел дополнително да го комплицира почетокот на сезоната за овој тим. Затоа, се споменува „безбедната опција“ како возење само формациски круг (загревачки круг), со што формално би започнала трката, но без ризик од оштетување на болидот.

Уште пошокантна е информацијата дека во еден момент дури била разгледувана и можноста целосно да се пропушти Големата награда на Австралија. Таквиот потег би бил огромен удар за тимот што влегува во новата сезона со високи амбиции и желба да направи скок кон врвот на табелата.

Инаку, секоја трка на почетокот на сезоната е вредна во борбата за шампионатите кај конструкторите и возачите, а евентуалното повлекување или симболично појавување би испратило силна порака за сериозноста на проблемот.

Во Формула 1, логистиката е често подеднакво важна како и брзината на патеката, а недостатокот на резервни делови може да ги парализира дури и најголемите тимови.

Засега нема официјална потврда од тимот, но информациите велат дека ситуацијата се следи на секој час. Доколку ова сценарио навистина се случи, Големата награда на Австралија би можела да започне со еден од најбизарните потези во поновата историја на Формула 1.

Останува да се види дали Астон Мартин ќе најде решение во последен момент.

ИЗДВОЕНИ