Недостигот на организиран систем за собирање и рециклирање, заедно со слабиот инспекциски надзор, го продлабочува проблемот со пластичниот отпад во земјоделството, додека се предлагаат европски модели и зајакнување на одговорноста кај производителите

Македонското земјоделство во последните децении бележи континуиран раст на употребата на пластични материјали. Пластеничките и мулч-фолиите, системите за наводнување, агротекстилот и другите пластични производи станаа неопходен дел од современото производство, особено во интензивните земјоделски региони како Струмичко, Гевгелиско и Тиквешко. Тие придонесуваат за повисоки приноси, подобра заштита на културите и за поефикасно користење на водата, но истовремено создаваат сè поголем проблем со отпадот, кој со години останува нерешен.
Прашањето за управување со земјоделската пластика не е ново. Уште пред повеќе од една деценија земјоделските здруженија, еколошките организации и локалните власти предупредуваа дека голем дел од употребените фолии завршуваат на дивите депонии, во речните корита или се палат на отворено. Таквите практики предизвикуваат сериозно загадување на почвата, воздухот и на водите, а честичките од распаднатата пластика остануваат во природата со децении.
Иако постојната законска рамка за управување со отпад ги дефинира основните обврски за постапување со отпадни материјали, земјоделската пластика сè уште не е доволно прецизно регулирана како посебна категорија. Недостига организиран систем за собирање, транспорт и рециклирање, а контролата на терен е ограничена. Според експертите од Министерството за животна средина и просторно планирање, без засилен инспекциски надзор и поголема одговорност кај земјоделските производители, проблемот ќе продолжи да се продлабочува.
Дополнителен предизвик е што употребата на пластичните фолии постојано расте, особено кај мулч-фолиите и дел од новите материјали што се рекламираат како биоразградливи, но во практика бараат строго контролирани услови за правилно разградување.
Овие прашања беа во фокусот на работилницата „Управување и рециклирање на пластична фолија за земјоделските култури во Македонија“, која се одржа во Струмица, во организација на Општина Струмица, со поддршка на швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. На настанот беше истакнато дека е неопходен национален систем за управување со земјоделската пластика, а управувањето со овој отпад е клучен чекор кон одржливо земјоделство.
– Потребен е поголем ангажман на инспекциите за да може да се спроведе законот. Мора да се зајакне инспекцискиот надзор. Без солиден инспекциски надзор, нема да има решение. Државниот инспекторат за земјоделство треба да спроведува позасилени контроли – изјави Ана Каранфилова- Мазневска, раководител на Секторот за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање. Таа додаде дека покрај контролата, неопходна е и поголема одговорност кај земјоделските производители, по примерот на европските земји.
Од швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост, тим-лидерот Горан Дамовски истакна дека проблемот со земјоделската пластика има и економска и еколошка димензија.
– Од контактите со земјоделскиот и со туристичкиот сектор се гледа дека постапувањето со земјоделската пластика претставува огромен проблем, особено за исполнување на европските стандарди и од аспект на туризмот и заштитата на животната средина. Вкупниот впечаток на туристите што доаѓаат во регионот е негативен кога се соочуваат со ваква слика во околината – рече Дамовски.
Од Општина Струмица беше посочено дека регионот е срцето на македонското земјоделство, но дека растот на производството носи и зголемени еколошки предизвици.
– Зголеменото производство носи свои предизвици, особено во делот со управување со отпадот. Решението мора да биде колективно и да вклучува силна координација меѓу јавниот и приватниот сектор, земјоделските производители и сите чинители – изјави Томе Марангозов од Општина Струмица.
Од Амбасадата на Швајцарија беше нагласено дека управувањето со отпадот е директно поврзано со пристапот до европските пазари и исполнувањето на меѓународните стандарди.
– Справувањето со отпадот е исклучително важно прашање, особено во контекст на стандардите што мора да ги исполнат компаниите за да имаат пристап до европските пазари – истакна Анета Дамјановска, национален координатор во Амбасадата на Швајцарија во Македонија.
На работилницата беа предложени и конкретни мерки за системско решение. Меѓу нив се воспоставување систем на проширена одговорност на производителите и увозниците, воведување еконадоместок за финансирање на собирањето и рециклирањето, формирање колективен постапувач за координација на целиот систем, како и развивање регионални собирни центри во најинтензивните земјоделски подрачја. Беше нагласена и потребата од зајакнување на инспекцискиот надзор, подобро статистичко следење на отпадот и континуирана едукација на земјоделците за правилно постапување со употребените фолии.
Во повеќе европски земји проблемот со земјоделската пластика е решен преку систем на проширена одговорност на производителите и организирани национални шеми за собирање и рециклирање. Во Франција, земјоделците имаат обврска употребените фолии да ги предаваат на овластени собирачки центри, финансирани преку еконадоместокот што го плаќаат производителите при продажба на пластичните материјали.
Во Германија, системот функционира преку строга контрола и добро развиена мрежа за рециклирање, каде што земјоделската пластика се третира како посебен тек на отпад и има јасни обврски за враќање и преработка. Во Шпанија, особено во земјоделските региони како Андалузија, постојат регионални собирни центри и организирани кампањи за собирање на пластичниот отпад по завршување на сезоната, со силна вклученост на локалните власти и задруги. Во Холандија, системот е насочен кон висока рециклирачка стапка, со јасни стандарди за квалитетот на пластиката и обврзно одвојување уште на ниво на фарма.
(С. Бл.)












