недела, ноември 1, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ефикасниот даночен систем клучен за намалување на сивата економија

Ефикасниот даночен систем клучен за намалување на сивата економија

34

Дигитализацијата на даночните процеси, електронската размена на податоци, анализата на ризик и целните контроли се меѓу клучните инструменти за зголемување на даночната усогласеност, намалување на неформалната економија и за унапредување на даночната правичност. Ова беше истакнато на меѓународната академска конференција „Даночна политика, нееднаквост и неформална економија“, која се одржа од 11 до 13 септември, во Охрид, во рамките на проектот „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и неформалната економија во Република Македонија преку даночна регулатива“.

На конференцијата учествуваа професори и истражувачи од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Полска, Шведска и од други земји, кои ги споделија реформските искуства и добрите практики за создавање поефикасен и поправеден даночен систем.

Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, посочи дека не треба да се гледа дигитализацијата само како инструмент за контрола туку и како начин за намалување на трошокот на усогласеноста за даночните обврзници.

– Дигитализацијата не треба да ја гледаме само како инструмент за контрола. Таа треба да го намалува и трошокот на усогласеноста за даночниот обврзник – рече Петрова.

Таа нагласи и дека податоците со кои располага УЈП може да им помогнат на креаторите на политиките при процената на постојните и воведувањето нови даночни мерки, со цел системот да биде поправеден и да не генерира социјална нееднаквост.

На конференцијата беше истакнато и значењето на довербата и на доброволното даночно усогласување за одржлив даночен систем и фер деловно опкружување.

– Доброволното почитување не може да се изгради само со контрола и санкции. Потребна е доверба дека се фер правилата, дека се применуваат еднакво и дека е заштитен формалниот бизнис од нелојалната конкуренција – истакна Петрова.

 

ИЗДВОЕНИ