Во Културно-информативен центар во Скопје, на 18 јуни, од 20 часот, ќе се отвори изложбата „Секогаш во изградба“ на Ивана Самандова и Исмаел Петроу. Во оваа заедничка изложба, уметниците во престој на програмата „Креарт“ и Исмаел Пелтроу од Клермонт-Феранд, Франција и Ивана Самандова од Скопје, ги споделуваат и ги врзуваат своите уметнички практики со индивидуален фокус на градот Скопје, преставен преку уметнички историјат на архитектури, периоди и очекувања.
– Ова е спој на нивните заеднички и индивидуални размислувања претставени преку видеа, објекти, скулптури создадени преку мултимедијални техники. Најдените и рачно изработените дела го следат движењето кон и вон урбаното ткиво, не како туристичка мапа туку како серија емоционални и материјални слоеви на предвоената и поствоената архитектура, каменот на старите патеки и калдрмата, бетонските фасади од брутализмот и модернизмот, слоевите на неоклацисизмот, како и празнините што остануваат меѓу нив. Градот не е само сцена, туку жив организам што чува траги од секоја љубов, очекување, мисла, делување, градба и секоја нова или веќе прекината приказна, се вели за изложбата.
Воедно, изложбата ги нуди погледите на градот Скопје од уметникот посетител и уметницата која е жителка, град кој е истовремено е во постојана конструкција на веќе изграденото и новото, преточен како чувство и сцена на изградена нова надеж, тивки примирија и во исто време како место на очекувања, бунтовност и на слободата во движење.
– Во оваа состојба на „оплакана иднина“, двата уметнички гласа нѐ повикуваат да ги прифатиме талкањето и недовршеноста не како празнини туку како единствените искрени простори во кои може да се роди ново обмислување на градот и нашата вклученост во неговата постојана изградба, се додава за изложбата.












