среда, јуни 17, 2026
Дома КУЛТУРА Македонската сликарка Сања Чулаковска во четвртфиналето на престижниот американски натпревар „Народен уметник“

Македонската сликарка Сања Чулаковска во четвртфиналето на престижниот американски натпревар „Народен уметник“

14

Македонската ликовна уметница, сликар и конзерватор-реставратор, Сања Чулаковска, се пласираше во четвртфиналето на престижниот американски натпревар „Народен уметник 2026“ (The People’s Artist), во конкуренција од повеќе од 180.000 уметници од САД и Канада.

Чулаковска е дипломиран ликовен уметник и повеќе од 20 години работеше како конзерватор и реставратор во Музејот на град Скопје, каде што учествуваше во заштита и конзервација на значајни дела од македонското културно наследство. Во 2021 година се пресели во Соединетите Американски Држави, каде што продолжува активно да твори и да ја гради својата меѓународна кариера.

Денес живее и работи во Флорида, каде што создава современа апстрактна уметност, организира ликовни работилници, изложува во галерии и соработува со ентериер дизајнери во опремување на луксузни домови и апартмани.

Нејзината уметност е препознатлива по силниот емоционален израз, слободниот гест и богатите слоеви на боја кои создаваат динамични и впечатливи композиции. Преку современиот апстрактен пристап, Чулаковска истражува теми поврзани со емоциите, сеќавањата, движењето и светлината.

Со пласманот во четвртфиналето на „Народен уметник 2026“, таа е една од ретките уметници од Балканот што стигнаа до оваа фаза, а воедно и единствена Македонка во натпреварот.

„За мене, ова е повеќе од натпревар. Голема чест е што имам можност да ја претставувам Македонија пред меѓународната публика и да покажам дека нашите уметници можат рамноправно да се натпреваруваат на светската сцена“, вели Чулаковска.

Гласањето продолжува, а сите што сакаат да ја поддржат Чулаковска, можат да гласаат на следниов линк https://peoplesartist.org/2026/sanja-chulakovska

ИЗДВОЕНИ