недела, ноември 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Поднесено обвинение за палењето возила пред Бугарската амбасада

Поднесено обвинение за палењето возила пред Бугарската амбасада

41

По спроведената истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Загрозување лица под меѓународна заштита.

На обвинетиот му се става на товар дека на 15 јуни годинава, околу 12:05 часот, пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, со предизвикување пожар создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита.

Според дејствијата опишани во обвинението, обвинетиот претходно на бензинска пумпа во непосредна близина на Амбасадата наполнил пластично шише со бензин и се упатил кон објектот. Откако се доближил до паркираните возила што ги користеле военото аташе на Република Бугарија и други вработени во Амбасадата, ги полеал со бензинот и ги запалил, по што веднаш го напуштил местото на настанот.

Заедно со Обвинителниот акт, јавниот обвинител до судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, оценувајќи дека и натаму постојат причините поради кои мерката била определена и продолжувана.

Според обвинителството, околностите укажуваат на опасност обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и со тоа да го попречи водењето на кривичната постапка. При предлагањето на мерката предвид се земени и висината на казната пропишана за кривичното дело, како и природата на дејствијата што му се ставаат на товар, насочени кон сигурноста и правата на лица под меѓународноправна заштита, вклучително и дипломатски претставници.

Согласно одредбите од Кривичниот законик, за кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот е пропишана казна затвор од најмалку една година.

ИЗДВОЕНИ