четврток, септември 10, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Европската централна банка ја зголеми референтната каматна стапка за да ја ограничи...

Европската централна банка ја зголеми референтната каматна стапка за да ја ограничи инфлацијата поттикната од високите цени на нафтата

14

Европската централна банка (ЕЦБ) денес ја зголеми својата референтна каматна стапка за да ја ограничи инфлацијата, која е поттикната од високите цени на нафтата како последица на војната во Иран.

Економијата на еврозоната подобро од очекуваното ја поднесе одлуката на ЕЦБ, што укажува на тоа дека бизнисите можат да ги апсорбираат повисоките трошоци за задолжување.

ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка за четвртина процентен поен, на 2,50 отсто, за време на состанокот одржан во Берлин, надвор од седиштето на банката во Франкфурт.

Во соопштението, банката истакна дека „конфликтот на Блискиот Исток продолжува да создава инфлаторни притисоци, а се очекува инфлацијата да остане значително над целното ниво во подолг временски период“.

Беше наведено дека економските изгледи остануваат „високо неизвесни“.
ЕЦБ последен пат ги зголеми каматните стапки на состанокот на 11 јуни, пред да направи пауза на седницата на 23 јули.

Загриженоста поради инфлацијата влијае и врз американската централна банка (Федералните резерви), чии претставници задолжени за одредување на каматните стапки треба повторно да се состанат на 15 и 16 септември. Претседавачот Кевин Ворш изјави дека институцијата можеби ќе има „уште работа“ за да ја ограничи американската инфлација, која изнесува 3,7 отсто.

Високите цени на енергенсите се една од причините поради кои инфлацијата во еврозоната достигна 3,3 отсто во август, надминувајќи ја целта на ЕЦБ од 2 отсто.

Цените на нафтата се искачија над 100 долари за барел поради намалениот сообраќај на танкери низ Ормускиот теснец, а одлуките во врска со трошоците за задолжување дополнително се усложнети од невозможноста да се предвиди колку долго ќе траат прекините во транспортот и високите цени на нафтата, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ