четврток, октомври 8, 2026
Дома БАЛКАН „Европол“: Во меѓународна операција се уапсени 36 членови на криминална група од...

„Европол“: Во меѓународна операција се уапсени 36 членови на криминална група од Балканот

22

Триесет и шест лица се уапсени во Словенија, Шпанија и Хрватска за време на меѓународна полициска операција насочена против група за организиран криминал поврзана со Западен Балкан, соопшти денеска „Европол“.

Операцијата беше спроведена пред два дена, кога полицијата изврши претреси на 42 локации низ Словенија и Шпанија.

Триесет и четири лица беа уапсени во Словенија, додека по едно лице беше уапсено во Шпанија и во Хрватска.

За време на операцијата беа запленети 66 килограми дрога – составена од 51 килограм канабис и 15 килограми амфетамини – како и огнено оружје, накит и готовина.

Според истражителите, оваа криминална мрежа била вклучена во шверц на дрога од големи размери.

Дрогата наводно се транспортирала од Белгија, Холандија и Шпанија до други европски земји.

Европол наведе дека криминалната група ја користела платформата за шифрирана комуникација „Скај“ (Sky) за организирање на пратките со дрога и за олеснување на комуникацијата меѓу членовите.

Истражителите се сомневаат дека членовите на групата биле поврзани и со повеќе инциденти што вклучувале пукања, убиства, обиди за убиство и киднапирања. Во овие напади наводно биле користени експлозивни направи, вклучително и рачни бомби, а цел главно биле членови на групата или нивните семејства.

Осомничените се државјани на Босна и Херцеговина и Србија, како и на Словенија, Бугарија, Турција и Холандија, пренесува „Бета“.

ИЗДВОЕНИ