вторник, ноември 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Хаџи Василева контра Калајџиев кој смета дека судија не може да одговара...

Хаџи Василева контра Калајџиев кој смета дека судија не може да одговара за прикривање имот: Правните мислења не се докази

3

Одбраната на продолжение од судење  за соѕиданите евра, се повика на правното мислење на универзитетскиот професор Гордан Калајџиев за оспорување на квалификацијата на делото, кој смета дека одговорност за судија по тој член нема. Обвинителката Искра Хаџи Василева смета дека судот треба да ги цени доказите изведени во постапката, а не академски толкувања.

Правното мислење на универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, според кое судија не може да биде опфатен со кривичното дело „Противправно стекнување и прикривање имот“, предизвика спротивставени реакции на продолжение  од судењето на судијата Ѓоко Ристов. Одбраната го користи ова толкување за да ја оспори правната квалификација на делото, но обвинителката Искра Хаџи Василева оцени дека ваквите мислења немаат доказна вредност и не можат да влијаат врз одлуката на судот. Според аргументот на одбраната, одредбата се однесува на службеник во јавните или државни претпријатија и не спаѓаат судиите и обвинителите.

„Тоа е правно мислење за правната квалификација на делото. Одбраната тврди дека судија не може да биде опфатен со законското битие на ова кривично дело, бидејќи тоа се однесува на службено и овластено лице во јавна установа, јавно претпријатие или правно лице со државен капитал, а ништо од тоа не е судија“, изјави адвокатот Звонко Давидовиќ.

Обвинителката Хаџи Василева, пак, по рочиштето рече дека судот треба да одлучува врз основа на фактите и доказите изведени во постапката, а не врз мислења на професори, без оглед на нивниот академски авторитет.

„Правни мислења, јазични толкувања што ги даваат професори под плаштот на некаков академски авторитет, модерно стана да се даваат на некои судења. Но, во суштина, тоа го симнува нивото на правната култура кај нас. Земено правно и професионално, тие немаат никаква тежина и значење. Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиштето. Правните мислења дадени под нечиј авторитет навистина не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користат како докази, бидејќи во суштина не се докази“, изјави Хаџи Василева, која минатата недела беше избрана за шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Одбраната се откажа од сведокот, Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој беше појдовна точка на истрагата против судијата. Одбраната сè уште го очекува и финансиското вештачење, кое треба да ги опфати банкарските сметки на шест лица. Целта, според одбраната, е да се утврди дали родителите на Ристов имале можност да заработат и да заштедат сума од 350.000 евра. Во своите аргументи, одбраната се повикува и на исказот на вештакот предложен од обвинителството, според кој родителите на Ристов за период од шест години оствариле заработка од 975.000 евра.

Против Ѓоко Ристов се води постапка поради 350.000 евра пронајдени при претрес во домот на неговите родители во Неготино. Обвинителството тврди дека парите не биле пријавени и дека нивното потекло не било поткрепено со докази. Ристов е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот и за перење пари и други приноси од казниво дело. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ