Пожарите во Франција беснеат веќе втора недела, Шпанците, исто така, подолго време се борат со огромни шумски пожари, кои се приближуваат до населените места, пред ден-два пламнаа и Португалија и Грција, а има предупредување и за Италија. Оваа сезона на пожари во Европа би можела да стане најлошата во европската историја и да го надмине минатогодишниот рекорд. Европската Унија предупреди дека брзо расте ризикот од големи шумски пожари во Европа, па оние што беснеат во Шпанија и во Франција со денови, може да се прошират на голем дел од континентот на почетокот од август.
Марија Зубер, раководителка на Европскиот координативен центар за реагирање во вонредни ситуации (EРЦЦ), изјави дека земји со зголемен ризик се Грција, Италија и делови од централна Европа. Таа особено нагласи дека наредните денови ќе бидат многу тешки за Франција, а ако не се стават пожарите во Португалија и во Шпанија под контрола, може да се случи „цела Европа да гори“, објави „Скај њуз“.
Предвидувањето дека може оваа сезона на пожари во Европа да биде рекордна се базира на податокот дека во текот на зимата и на пролетта имаше обилни дождови, кои го стимулираа бујниот раст на вегетацијата, а летните топлотни бранови и долготрајната суша ја претворија таа вегетација во лесно запаливо гориво.
Најтешко во моментов сè уште е во југозападна Франција, особено околу Бордо и департманот Жиронд, каде што веќе изгореа десетици илјади хектари шума. Поради приближувањето на пожарот, илјадници жители и туристи се евакуирани, вклучувајќи ги и камповите на атлантскиот брег, а илјадници пожарникари и десетици противпожарни авиони дејствуваат на терен. Француските власти предупредуваат дека силните ветрови и новиот топлотен бран го отежнуваат гаснењето и дека постои голема опасност од нови пожари.
Шпанија се соочува со четвртиот голем топлотен бран ова лето, а неколку големи пожари зафатија различни региони. Иако некои пожари се делумно ставени под контрола, останува опасноста поради екстремно високите температури, сушата и силните ветрови. Шпанскиот премиер, Педро Санчес, во четвртокот рече дека ѝ испратил писмо на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое предлага формирање европски центар за одговор на шумски пожари за Западен Медитеран, на островот Мајорка, во воздухопловната база Сон Сан Хуан. Санчес, исто така, рече дека Шпанија во моментов се бори со 10 шумски пожари со различен интензитет, вклучувајќи го и најновиот во северозападната покраина Замора, опишувајќи ја ситуацијата како критична и многу сложена.
Европската Унија веќе го активираше механизмот за цивилна заштита и испрати дополнителни противпожарни авиони, хеликоптери и противпожарни екипи од неколку земји членки во Франција и во Шпанија за да им помогнат на локалните служби во борбата против пожарот.
Деновиве избувна нов, голем пожар на југозападниот дел од Турција, во покраината Мугла, недалеку од популарните туристички дестинации. Пожарот почна на земјоделско земјиште, а потоа се прошири на шумата, поради што властите привремено го затворија главниот пат помеѓу Фетије и Анталија. Пет авиони, 11 хеликоптери, 40 противпожарни возила и стотици лица од службите за итни случаи се испратени да го изгаснат пожарот, обидувајќи се да спречат понатамошно ширење, наведува „Јутарњи“.
Битката со огнената стихија во Грција е проследена со трагедија. Двајца пожарникари загинаа во големиот шумски пожар во регионот Ретимно на островот Крит, во средата. Тие беа меѓу 125. Пожарникари, кои го гасеа пожарот, а Грчката противпожарна служба објави дека тие „херојски паднаа при вршење на должноста, заштитувајќи ги животите на граѓаните, нивниот имот и природната средина“, без да објави како загинале. Гаснењето на пожарот на Крит е отежнато од силниот ветер што го разгорува, па затоа во акцијата се вклучени четири хеликоптери и четири противпожарни авиони.
Предупредувањето дека може да гори цела Европа стигна уште во 2021 година, кога предупреди Меѓувладиниот панел за климатски промени на ОН (ИПЦЦ) дека во 21 век, временските услови што се погодни за големи пожари ќе стануваат сè почести и пораспространети низ целиот медитерански регион. Главен двигател е глобалното затоплување, кое ги интензивира екстремните топлински настани и создава услови што ги зголемуваат ризиците од пожари. Само пет години подоцна, ова предупредување драматично се потврдува.



![[Интервју] Синоличка Трпкова: Светот бара автентични приказни, да создаваме уметност без желба да се допаѓаме](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/07/sinolicka-za-sajt-450x300.jpg)








