Парите што граѓаните со години ги издвојувале во вториот пензиски столб, сега почнуваат да им се враќаат како дел од пензијата. Според податоците на МАПАС, просечната месечна исплата од личните сметки изнесува 9.878 денари. Во моментов исплата добиваат 147 пензионери, а најголемиот дел од нив се корисници на минимална пензија. Анализата покажува дека со подолго членство во вториот столб, се создаваат услови за повисоки исплати во иднина.
Сѐ повеќе граѓани во Македонија почнуваат да ги користат средствата што со години ги издвојувале на своите индивидуални сметки во вториот пензиски столб. Според најновите податоци на МАПАС, со пресек на 30 јуни 2026 година, вкупно 147 пензионери веќе остваруваат исплата од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.
Во јуни за овие корисници биле исплатени 1.452.089 денари, а просечната месечна исплата од вториот пензиски столб изнесувала 9.878 денари. Просечниот пензиски стаж на корисниците е 22 години, додека просечната пензиска основица изнесува 38.880 денари.
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од пензионерите кои примаат средства од вториот столб, односно 113 лица или 77 проценти, се корисници на минимална пензија. Кај нив, средствата акумулирани на индивидуалните сметки се користат за да се обезбеди минималниот законски износ на пензијата. Од оваа група, 75 пензионери добиваат месечна исплата повисока од 8.000 денари, додека 38 лица примаат меѓу 4.001 и 8.000 денари. За овие корисници се исплатени вкупно 1.149.023 денари, а просечната месечна исплата изнесува 10.168 денари. Просечниот пензиски стаж кај нив е 21 година, а просечната пензиска основица 27.003 денари.
Во групата пензионери кои остваруваат пензија над минималната се 34 лица. За нив од индивидуалните сметки биле исплатени 303.066 денари, а просечната месечна исплата изнесува 8.914 денари. Од нив, 12 корисници добиваат повеќе од 8.000 денари, седум повеќе од 16.000 денари, а кај петмина исплатата е над максималниот законски износ. Просечниот пензиски стаж во оваа група е 25 години, а просечната пензиска основица достигнува 81.762 денари.
Од МАПАС посочуваат дека висината на исплатата од вториот пензиски столб зависи од повеќе фактори – колку долго осигуреникот бил член на системот, колкави придонеси уплаќал, какви приноси оствариле средствата од инвестирањето и каков начин на исплата е избран при пензионирањето.
Анализата покажува дека сегашните корисници на пензија од вториот столб имаат релативно пократок период на членство, бидејќи станува збор за систем кој постепено созрева. Токму затоа, според МАПАС, со подолг работен век и подолго членство во вториот пензиски столб ќе се акумулираат повеќе средства на индивидуалните сметки, што ќе овозможи и повисоки исплати во иднина.
Воедно, од регулаторот потсетуваат дека сите лица опфатени со анализата самостојно одлучиле да останат членови на вториот пензиски столб, потврдувајќи го тоа со потпишување изјава за продолжување на членството. Според МАПАС, податоците покажуваат дека вториот пензиски столб има значајна улога во обезбедувањето пензиски приходи, особено кај граѓаните кои примаат минимална пензија, бидејќи дел од средствата за нивната пензија доаѓаат токму од индивидуално акумулираните заштеди.
(С.Бл.)



![[Интервју] Синоличка Трпкова: Светот бара автентични приказни, да создаваме уметност без желба да се допаѓаме](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/07/sinolicka-za-sajt-450x300.jpg)








