Белгија во август го запре увозот на руски течен природен гас (ЛПГ), придонесувајќи кон намалување на увозот низ Европската Унија – неколку месеци пред да стапи на сила целосната забрана – се наведува во новиот извештај на Центарот за истражување на енергија и чист воздух (CREA), објавен денес.
„Увозот на руски ЛПГ во ЕУ опадна за 46 отсто во споредба со претходниот месец, достигнувајќи го најниското месечно ниво од почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година“, се вели во најновиот извештај на CREA.
Ајзак Леви, аналитичар во CREA специјализиран за европската и руската енергетска политика, за „Киев Индипендент“ (The Kyiv Independent) потврди дека Белгија во август не увезла ЛПГ од Русија. За споредба, во јули, 100 отсто од увозот на ЛПГ во Белгија потекнувал од Русија.
Со постепеното напуштање на рускиот ЛПГ, Белгија им се придружи на земјите што престанале со увоз, оставајќи ги Франција, Шпанија и Холандија како преостанати увозници.
На француските пристаништа отпаднаа 57 отсто од вкупниот увоз на ЛПГ во ЕУ. Леви објасни дека француската енергетска компанија „ТоталЕнерџис“ (TotalEnergies) има договор за увоз на ЛПГ што истекува на крајот на 2026 година.
Од јануари 2027 година, увозот на руски ЛПГ во ЕУ ќе биде нелегален според регулативите на планот REPowerEU.
И покрај континуираното намалување на увозот на руски фосилни горива од страна на ЕУ, блокот останува најголем купувач на руски ЛПГ, се истакнува во извештајот на CREA. Според податоците на CREA, на ЕУ отпаѓаат 49 отсто од вкупниот руски извоз на ЛПГ – речиси двојно повеќе од уделот на втората најголема дестинација, Кина, која учествува со 24 отсто.
Во соопштението објавено денес од страна на невладината организација „Ургевалд“ (Urgewald), која ја следи примената на санкциите, се упатуваат критики кон ЕУ бидејќи во првите осум месеци од 2026 година увезла исто толку ЛПГ од Русија колку што увезла во текот на целата претходна година.
„Европа тврди дека се оддалечува од руските енергенси. Овие бројки го покажуваат спротивното“, изјави Александар Кирк, активист во „Ургевалд“ задолжен за прашањата поврзани со санкциите.












