среда, октомври 28, 2026
Дома БАЛКАН Втор терористички напад врз израелската амбасада во Белград во рок од две...

Втор терористички напад врз израелската амбасада во Белград во рок од две и пол години

1630
Фото: Министерство за внатрешни работи Србија

Синоќа во Белград беше извршен терористички напад врз припадник на Жандармеријата кој ја обезбедуваше Амбасадата на Израел, а напаѓачот, кој бил малолетен, е убиен за време на инцидентот. Сличен напад се случи во јуни 2024 година, кога Милош Жујовиќ од Младеновац со самострел рани жандарм кој обезбедуваше израелска дипломатска мисија.

Ивица Дачиќ, заменик-премиер и министер за внатрешни работи (во технички мандат), изјави дека синоќа во Белград, 15 минути по полноќ, се случил терористички напад насочен кон припадник на Жандармеријата кој ја обезбедувал Амбасадата на Израел. По инцидентот, нивото на терористичка закана е подигнато на највисоко ниво, а зголемено е и присуството на полицијата на клучните локации.

Тој додаде дека припадникот на Жандармеријата го убил напаѓачот во самоодбрана, но и самиот се здобил со полесни повреди – поточно, исеченица на лицето нанесена со ножот што бил користен во нападот.

Дачиќ исто така напомена дека, иако идентитетот на напаѓачот сè уште не е утврден, тој им бил познат на српските безбедносни служби и бил поддржувач на „Исламската држава“.

Сличен напад се случи на 29 јуни 2024 година, кога Милош Жујовиќ, лице од Младеновац кое преминало во ислам, со самострел го рани во вратот припадникот на Жандармеријата кој бил на должност и ја обезбедувал Амбасадата на Израел. Жандармот Милош Јевремовиќ употребил оружје во самоодбрана и го совладал напаѓачот, кој подоцна им подлегнал на повредите.

Дачиќ тогаш изјави дека Жујовиќ преминал во ислам, го зел верското име Салахудин и се преселил во Нови Пазар.

Веднаш по нападот, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Салахудин бил член на група која била под надзор поради сомневања за поврзаност со тероризам, додавајќи дека се потребни уште седум-осум дена за прибирање докази и спроведување апсења.

„Сега ги ловиме сите, тоа е само прашање на време и техника. Нема да покажеме милост кон тероризмот“, нагласи тогаш Вучиќ. Сепак, на 15 јули 2024 година, Дачиќ изјави дека не се пронајдени докази за постоење поширока организација вклучена во подготовката на овој терористички чин.

Сепак, едно лице заврши зад решетки по нападот. Истиот ден кога Жујовиќ го рани жандармот Јевремовиќ, во Белград беше уапсен Игор Деспотовиќ, а тој претходно бил притворан поради управување со неколку милитантни онлајн групи кои повикувале на џихад.

На 16 октомври оваа година, Деспотовиќ беше осуден во првостепена пресуда на пет и пол години затвор за поттикнување на Милош Жујовиќ да изврши терористички дела.

ИЗДВОЕНИ