петок, септември 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Осудените за Ласкарци излегуваат од затвор – Врховен го укина решението на...

Осудените за Ласкарци излегуваат од затвор – Врховен го укина решението на Апелација, одлуката ќе ја објаснеле за една недела

1

 Осудените во случајот со автобуската несреќа кај селото Ласкарци ќе престанат да ги издржуваат затворските казни, откако Врховниот суд ја укина правосилната пресуда на Апелациониот суд Скопје и предметот го врати на повторно постапување и одлучување.

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на 9 септември 2026 година одлучувал по предметот КВП2-86/25, познат во јавноста како случајот „Ласкарци“. Со донесената пресуда, Врховниот суд ги уважил барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесени од осудените преку нивните бранители.

Притоа, пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-979/24 од 17 април 2025 година е укината, а предметот е вратен на повторно постапување и одлучување.

Судијата од Врховниот суд, Сафет Кадрии за весникот Вечер вели дека за една недела ќе ја објаснат одлуката и ќе ја објават на нивната интернет страница.

„Ласкарци се враќа во фаза на жалбена постапка во Апелациониот суд, кусо одговори Кадрии

В.д претседателот на скопска апелација Зоран Герасимовски вели дека физички одлуката на Врховниот суд не е пристигната во писарница и не знае дали се враќа кај нив или во прв степен. Портпаролката на судот, судијката Габриела Гајдова, на прашањето на ВЕЧЕР дали со ваквата одлука на Врховниот суд осудените ќе излезат од затвор, ни одговори дека  со укинувањето на второстепената пресуда таа веќе не е правосилна и извршна.

„Согласно закон, со укинување на второстепената пресуда, веќе не е правосилна и извршна, а се издржува само правосилна и извршна пресуда со која е изречена казна затвор, што значи дека извршувањето во конкретниот случај ќе се запре“, вели судијата Гајдова.

Тоа значи дека осудените повеќе немаат правна основа да продолжат со издржување на затворските казни врз основа на укинатата пресуда, додека предметот повторно ќе се разгледува пред надлежниот суд.

Автобуската несреќа кај Ласкарци од 13 февруари 2019 година, во која животот го загубија 16 лица, а повеќе од 30 беа повредени. По долгогодишната судска постапка беа изречени затворски казни за обвинетите, но со најновата одлука на Врховниот суд предметот повторно се враќа во судска постапка. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ