вторник, август 18, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ЕСМ обезбеди три милиони тони косовски јаглен за наредните три години

ЕСМ обезбеди три милиони тони косовски јаглен за наредните три години

0

АД ЕСМ потпиша тригодишен стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК, со кој добива концесија во рудникот во Обилиќ и можност за експлоатација на околу три милиони тони јаглен во наредните 36 месеци. Договорот го потпишаа генералниот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани, по интензивни преговори и по одлука на Владата. Договорена е фиксна цена од 24,4 евра за тон, со прецизно утврдени параметри за квалитетот. Од ЕСМ велат дека со гарантираните количини ќе се обезбеди постабилно снабдување на термоелектраните и ќе се намали изложеноста на осцилациите на меѓународните цени на енергенсите.

Според компанијата, користењето на косовскиот јаглен ќе ја зголеми ефикасноста на ТЕ „Битола“ и на ТЕ „Осломеј“, со дополнително годишно производство од околу 800 гигават-часови електрична енергија и приход од приближно 57 милиони евра. Дополнителни заштеди се очекуваат и поради намалената употреба на мазут, додека од ЕСМ наведуваат дека ќе има и намалување на емисиите на CO2.

Узунчев посочи дека годишните потреби на ЕСМ од дополнителен јаглен, покрај домашното производство, се проценуваат на околу 1,4 милиони тони – 600.000 тони за „Осломеј“ и 800.000 тони за „Битола“. Сепак, поради логистичкиот капацитет на граничниот премин Блаце, од КЕК реално би можеле да се доставуваат околу 800.000 тони годишно.

Косовскиот лигнит, според лабораториските анализи на ЕСМ, има просечна калориска вредност од околу 1.950 kcal/kg, ниска содржина на сулфур и пепел, што, како што велат од компанијата, одговара на параметрите за работа на котлите во „Битола“ и во „Осломеј“.

ЕСМ најдоцна до крајот на август ќе објави јавен оглас за избор на економски оператор што ќе ги реализира ископот, анализата, утоварот, транспортот и истоварот на јагленот во термоелектраните. Со неговиот избор и со воведувањето во работа, договорот со КЕК ќе влезе во оперативна реализација.

Паралелно, ЕСМ спроведува план за ревитализација на рударската механизација и санација на откопните полиња во РЕК Битола. Од компанијата уверуваат дека до крајот на 2027 година домашните резерви ќе овозможат стабилна експлоатација и постепено намалување на потребата од дополнителни количини јаглен од други добавувачи.

Според Узунчев, договорот со КЕК е дел од стратегијата за обезбедување стабилно производство и создавање услови Македонија во иднина да стане континуиран нето-извозник на електрична енергија.

ИЗДВОЕНИ