Процесот ќе продолжи и во септември, кога ќе почне порибувањето со околу 1,5 милиони единки охридска пастрмка, одгледани во Хидробиолошкиот завод Охрид, од вештачкиот мрест во 2026 година. Се очекува оваа фаза да трае околу три недели

 

Почна процесот на порибување на Охридското Езеро со охридска пастрмка. Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со претставниците на Државниот инспекторат за земјоделство и на ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, учествуваше во првата фаза од порибувањето.

Согласно со договорот помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, во оваа фаза е предвидено порибување со 100 илјади единки охридска пастрмка, произведени од вештачкиот мрест во 2025 година.

Од МЗШВ информираат дека подмладокот со кој се порибува Охридското Езеро во оваа фаза е со просечна тежина од околу 16 грама, а процесот ќе продолжи во текот на следните пет-шест дена.

– Порибувањето се врши на локалитетите Трпејца, Пештани, Радожда, Калишта, Охрид и Струга. Станува збор за локалитетите од кои во текот на 2025 година беа уловени матици од природната популација на Охридското Езеро, од кои беше обезбеден репродуктивниот материјал за вештачкиот мрест. Со реализацијата на оваа фаза, ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид ја исполнува преземената обврска од договорот со Министерството за порибување со охридска пастрмка произведена од вештачкиот мрест во 2025 година. Целиот процес се одвива под надзор на надлежните институции, во присуство на инспектор од Државниот инспекторат за земјоделство и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство – наведуваат од МЗШВ.

Процесот ќе продолжи и во септември, кога ќе почне порибувањето со околу 1,5 милиони единки охридска пастрмка, одгледани во Хидробиолошкиот завод Охрид од вештачкиот мрест во 2026 година. Се очекува оваа фаза да трае околу три недели.

Во двете фази, Охридското Езеро ќе биде порибено со вкупно околу 1,6 милиони единки охридска пастрмка, како дел од активностите за обновување и зачувување на популацијата на овој автохтон вид, кој има особено значење за биолошката разновидност на Охридското Езеро.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нагласуваат дека, во соработка со надлежните научни и инспекциски институции, ќе продолжат со активностите за заштита и обновување на популацијата на охридската пастрмка и за зачувување на биолошката разновидност на Охридското Езеро.

 

ИЗДВОЕНИ