петок, ноември 20, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Луфтханза“ ќе укине 1.000 работни места во Франкфурт и Минхен

„Луфтханза“ ќе укине 1.000 работни места во Франкфурт и Минхен

0

Германската авиокомпанија Lufthansa најави укинување на 1.000 работни места со полно работно време на аеродромите во Франкфурт и Минхен. Одлуката доаѓа по финансиските загуби на „Луфтханза ерлајнс“ – превозникот што оперира под брендот „Луфтханза“ (Lufthansa), кој е дел од поголема групација во која спаѓаат и авиокомпании како „СВИС и Остријан ерланјс (SWISS Austrian Airlines), пренесува „Дојче веле“.

Во периодот од јануари до септември оваа година, „Луфтханза ерлајнс“ (Lufthansa Airlines) забележала просечна месечна загуба од 20 милиони евра, се наведува во интерно писмо до вработените, за што извести Euronews. Како причини за бавното закрепнување на компанијата се наведуваат штрајковите на пилотите и кабинскиот екипаж, како и наглото зголемување на цените на горивото по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток.

Иако планот за реструктуирање за 2024 година предвидуваше над 700 мерки насочени кон зголемување на заработката за 2,5 милијарди евра до 2028 година, раководството во писмото предупредува дека овие планирани чекори веќе не се доволни. „2026 година нè врати назад. Војната на Блискиот Исток, постојано високите трошоци за гориво, деветдневните штрајкови и нашата веќе висока база на трошоци дополнително ја влошија ситуацијата“, наведува компанијата во писмото.

Сè уште не е потврдено дали овие 1.000 работни места – што претставуваат околу 2,5 отсто од вкупно 40.000 вработени во главната авиокомпанија на „Луфханза“ – се дел од претходно најавениот план. Минатата година, „Луфтханза груп“ најави намера да укине 4.000 работни места, главно во администрацијата, до 2030 година.

„Луфтханза груп“ во целина, која покрај германската авиокомпанија „Луфханза“ опфаќа и други превозници, бележи значително подобри резултати. Во нејзиното портфолио влегуваат швајцарската SWISS, Austrian Airlines, белгиската „Браселс ерлајнс“ (Brussels Airlines) и германската „Еуровингс“ (Eurowings); групацијата исто така поседува удел од 41 отсто во италијанската „ИТА ервејс“ (ITA Airways). Понатаму, „Луфтханза“ планира да се стекне со удел до 49,9 отсто во португалската авиокомпанија „ТАП“ (TAP) – зделка за која би можела да плати дури 1,2 милијарди евра.

Иако Групацијата оствари подобри резултати во третиот квартал во споредба со претходната година, нејзината вкупна нето-добивка – заработката што преостанува откако ќе се подмират сите трошоци и даноци – се намали за 35 отсто, на 715 милиони евра, во текот на првите девет месеци од оваа година.

На 3 ноември, „Луфтханза“ исто така ги намали своите прогнози за целата година. Сега се проценува дека прилагодената оперативна добивка – заработката од работењето пред камати и даноци, исклучувајќи одредени еднократни ставки – ќе се движи меѓу 1,7 и 2 милијарди евра. Претходно, компанијата предвидуваше опсег од 1,7 до 2,2 милијарди евра.

Од друга страна, „Луфтханза ерлајнс“ (Lufthansa Airlines), главната авиокомпанија во рамките на групацијата, се соочува со значително повеќе проблеми. Нејзината оперативна добивка во третиот квартал се намали за една третина, на околу 300 милиони евра. „Сега мораме да го забрзаме финансиското закрепнување на нашиот водечки бренд“, изјави извршниот директор Карстен Шпор.

Цените на горивото, исто така, претставуваат голем проблем. „Луфтханза“ проценува дека горивото за целата групација оваа година ќе чини 9,3 милијарди евра, што е за околу две милијарди повеќе отколку минатата година. Трошоците растат и покрај фактот што компанијата, со цел да ја намали потрошувачката на гориво, откажа 20.000 летови на пократки релации во периодот до октомври.

ИЗДВОЕНИ