вторник, август 18, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Вертикалниот гасен коридор отвора пристап до нови извори и поголема енергетска сигурност

Вертикалниот гасен коридор отвора пристап до нови извори и поголема енергетска сигурност

0

Приклучувањето на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор претставува значајна стратешка можност за земјата да ја зајакне својата позиција на европската енергетска карта и да стане важна алка во регионалната и европската гасна инфраструктура, порача министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Во објава посветена на идните енергетски поврзувања, Божиновска посочува дека клучна улога ќе имаат интерконекторите со Грција и Србија, преку кои Македонија ќе добие пристап до нови извори и правци за снабдување со природен гас, како и до течен природен гас (LNG).

– Преку интерконекторите со Грција и Србија ќе обезбедиме пристап до нови извори и правци на снабдување со природен гас и течен природен гас, поголема енергетска сигурност и намалување на зависноста од еден извор, наведува Божиновска.

Според неа, диверзификацијата на снабдувањето е една од клучните придобивки за Македонија, бидејќи намалувањето на зависноста од еден извор или правец на снабдување треба да придонесе за поголема стабилност и сигурност на енергетскиот систем.

Планираните интерконекции, сепак, не се однесуваат само на природниот гас. Божиновска нагласува дека инфраструктурата се проектира така што во иднина ќе овозможи транспорт и на 100 проценти водород, со што Македонија би се подготвила за развојот на европската водородна инфраструктура и процесите поврзани со енергетската транзиција.

– Интерконекциите се планирани и за транспорт на 100 проценти водород, со што Македонија се подготвува и за идната европска водородна инфраструктура, истакнува Божиновска.

Со вклучувањето во Вертикалниот гасен коридор, Македонија добива можност да ја зајакне својата регионална енергетска поврзаност и да отвори нови перспективи за снабдување со енергенти. Според Божиновска, изградбата на интерконекторите треба да донесе три клучни придобивки – повеќе извори на снабдување, поголема енергетска сигурност и посилна регионална поврзаност.

ИЗДВОЕНИ