петок, ноември 27, 2026
Дома МАГАЗИН Хакерски упад во главната компјутерска платформа на Военото воздухопловство на САД –...

Хакерски упад во главната компјутерска платформа на Военото воздухопловство на САД – Кибер-командата ја проценува штетата по пробивот во „Cloud One

0

Хакери извршија упад во „Cloud One“, главната платформа за компјутерско работење во облак на Военото воздухопловство на САД, изјавија за „Ројтерс“ три лица запознаени со случајот. Овој упад може потенцијално да загрози голема количина чувствителни тактички, кадровски и логистички податоци.

Според два извори, упадот бил откриен во текот на изминатиот месец, за време на надградба на системот, што предизвикало оперативни пречки во функционирањето на платформата. „Ројтерс“ не успеа да утврди кој стои зад упадот, колкави се размерите на истиот, ниту пак дали се украдени некакви податоци.

„Не даваме коментари за безбедносната состојба, ранливостите или оперативниот статус на поединечни мрежи и системи. Континуирано преземаме соодветни мерки за заштита на информациите и системите на Министерството за воено воздухопловство, како и за заштита на неговата способност за извршување на мисијата“, наведоа од Военото воздухопловство во одговорот за „Ројтерс“.

Од исплата на плати до противвоздушна одбрана

Проектот „Cloud One“ беше започнат во 2017 година со цел да се обединат ИТ услугите потребни за Военото воздухопловство на едно место. Платформата интегрира ресурси од четири компании – „Microsoft“, „Amazon“, „Oracle“ и „Alphabet“. На неа се наоѓаат десетици апликации, вклучително и оние што се користат за управување со кадровска евиденција, исплата на плати, логистика и одржување.
Меѓу нив е и систем за команда и контрола кој собира податоци од радари за противвоздушна одбрана и други извори низ Северна Америка. Платформата, исто така, содржи систем за следење на бомби и ракети на повеќе од 200 локации на Военото воздухопловство на САД ширум светот.

Компанијата „SAIC“ беше главен изведувач на проектот до 2025 година, кога „Leidos“ ја презеде работата. Од „SAIC“ не одговорија на барањето за коментар, додека од „Leidos“ го упатија „Ројтерс“ кон Военото воздухопловство.

Според два извори, „Cloud One“ е една од најголемите платформи за компјутерско работење во облак на американската војска.

„Упад во ваков систем е сериозна работа“, изјави еден од изворите.

Според еден извор, истражителите ја вклучиле Кибер-командата на САД – воената единица одговорна за операции во кибер-просторот – за да ја процени настанатата штета. Командата не одговори на барањата за коментар.

Запрени миграцијата кон платформата и ажурирањата на апликациите

По откривањето на пробивот, миграцијата на административните апликации кон „Cloud One“ – што претставува долгорочен воен приоритет – беше привремено запрена. Ова го потврдија двајцата претходно споменати извори, како и уште едно лице запознаено со случајот.

Исто така, блокирани се и ажурирањата за апликациите што веќе функционираат на платформата. Како резултат на тоа, персоналот на Воздухопловните сили не е во можност да инсталира безбедносни закрпи – токму во момент кога технолошкиот сектор издаде низа нови предупредувања за сериозни софтверски ранливости. Петти извор наведе дека на одредени корисници им се одземени административните привилегии. Сите пет извори зборуваа под услов да останат анонимни.

Според еден извор, напаѓачите искористиле софтверска ранливост за да добијат пристап до дел од системот што се користи за управување со платформата. Изворот го спореди тоа со „универзален далечински управувач“. Теоретски, ваквиот пристап би им овозможил на напаѓачите да ја проверат оперативната состојба на воените авиони или да го следат движењето на резервните делови. Не е јасно дали тие навистина го сториле тоа.

„Ројтерс“ не успеа да утврди која конкретна ранливост ја искористиле хакерите.

Низа упади во институции на САД

Веста за упадот доаѓа во време на зголемена загриженост во врска со напади што користат вештачка интелигенција. Ваквите напади претставуваат посебен ризик за „клауд“ (cloud) мрежите, бидејќи моделите на вештачка интелигенција можат брзо да идентификуваат ранливости во системи од голем обем.

Владата на САД веќе се справува со последиците од најмалку шест други сајбер-инциденти што неодамна излегоа на виделина. Меѓу нив се два инцидента поврзани со ФБИ, претходен пробив што влијаел врз податоци на Пентагон, неодамнешно протекување на податоци за вработени во Министерството за внатрешна безбедност, упад што засегнал најмалку две разузнавачки агенции, како и хакерски напад врз Министерството за финансии.

„Cloud One“ долго време е цел на хакери

Во авторски текст објавен на порталот „FedScoop“ во 2023 година, раководството на платформата изјави дека бројот на обиди за упад е „запрепастувачки“, при што нагласија дека ги одбиле сите со „100-процентна успешност“. „Кога станува збор за безбедноста, нема простор за грешки“, напишаа тогаш челниците на платформата.

 

 

ИЗДВОЕНИ