Германија подготвува предлог-закон со кој привремено ќе им се овозможи на електраните на јаглен и нафта од резервата повторно да произведуваат електрична енергија, со цел да се намали потрошувачката на природен гас и да се ублажат ризиците во снабдувањето, објавија германските медиуми.
Планот доаѓа во услови на ескалација на конфликтите на Блискиот Исток, кои ги нарушија транспортните патишта и извозот на енергенти, зголемувајќи ја загриженоста за достапноста на фосилните горива.
Според предлогот, на пазарот привремено би се вратиле електраните од резервата, како и оние чија работа требаше да престане во 2026 и 2027 година. Германија располага со повеќе од осум гигавати резервни капацитети, претежно електрани на лигнит. Нивното враќање би било можно најдоцна до 31 март 2028 година.
Електраните би се активирале по прогласување вонредна состојба во снабдувањето со гас, а учеството на операторите би било доброволно. Трошоците за одржување на капацитетите подготвени за работа би се пренесувале на потрошувачите преку мрежните надоместоци.
Предлог-законот сè уште не е усогласен, а во Министерството за економија постојат сомнежи колку ваквата мерка реално би придонела за намалување на цените на електричната енергија. Слична мерка Германија примени и во 2022 година, за време на енергетската криза по руската инвазија на Украина.












