Од едно место се товара, од друго се истовара. Едни депонии се чистат, други никнуваат на нови локации. Во Кичево, жителите тврдат дека отпадот од постојната депонија се товари со камиони, но наместо да заврши во уреден систем за третман, дел од него, како што тврдат жителите, се истоварува во дол меѓу селата Иванчишта и Ехлоец.
Од Кичево до Буково, од Арачиново до бројните диви депонии низ државата, сценариото се повторува – отпад, чад, земја и ново ветување дека проблемот ќе биде решен. Чаре има, но не со преместување на ѓубрето од една локација на друга. Потребни се функционални регионални центри за управување со отпад, селекција и рециклирање, контролиран третман, санација на постојните депонии и, пред сè, јасна одговорност за тоа каде завршува секој камион со отпад

Од едно место се товара, од друго се истовара. Едни депонии се чистат, други никнуваат на нови локации. Трети со години горат и чадат, додека жителите во нивната близина се гушат и стравуваат за воздухот, водата и почвата.
Последниот случај повторно го отвора прашањето – каде завршува отпадот кога институциите велат дека депонијата се расчистува?
Во Кичево, жителите тврдат дека отпадот од постојната депонија се товари со камиони, но наместо да заврши во уреден систем за третман, дел од него, како што тврдат жители, се истоварува во дол меѓу селата Иванчишта и Ехлоец.
На социјалните мрежи се објавени тврдења дека биле истоварени девет камиони отпад, по што ѓубрето било покриено со земја. Жителите стравуваат дека при врнежи, отпадот може да стигне до водотеците и да го загрози подрачјето, кое според нив е познато по изворите и недопрената природа.
Тврдењата засега се на жители и активисти и бараат проверка од надлежните институции. Од Општина Кичево, пак, соопштија дека обезбедиле дополнителна финансиска поддршка за чистење, собирање и изнесување на отпадот од постојната дива депонија, а отпадот што се собира треба да се транспортира и депонира во регионалната депонија „Русино“.
Токму тука се отвора суштинското прашање: ако отпадот се дислоцира, каде точно се дислоцира и под какви услови? Весникот ВЕЧЕР се обиде да стапи во контакт со градоначалникот на општина Кичево, и да добие одговори, но на општинскиот телефонски број никој не се јавуваше.

Кичевската приказна е само последната во низата случаи кои покажуваат дека проблемот со отпадот во земјава е далеку од решен. Додека во Кичево се бара одговор каде завршуваат камионите со отпад, во Охридскиот Регион повторно гори старата депонија „Буково“. На 20 август повторно избувна пожар на депонијата, а најдиректно погодени беа жителите од околните села. Густ чад и миризба на изгорена пластика повторно ги принудија луѓето да ги затворат прозорците во сред лето.
Од ЈП „Охридски Комуналец“ информираа дека пожарот е локализиран, а на терен интервенирале нивни екипи, противпожарната единица и цистерна. Направен бил пресек за да се спречи ширењето на пожарот, а жариштата се покривале со земја.
Но, ова не е првпат „Буково“ да гори. Напротив, пожарите и чадот со години се дел од проблемот со оваа депонија, која е една од најпознатите еколошки точки во земјава. Активистите од „Збогум Буково“ постојано предупредуваат дека пожарите се последица на несоодветното третирање на отпадот и дека трајното решение е затворање и санација на депонијата.
Слична слика се гледа и во Скопскиот Регион. Депонијата над скопско Арачиново, исто така, периодично гори и чади, а чадот се шири во околината. Во април, годинава, беа регистрирани пожари на повеќе локации со отпад во Скопје и околината, што повторно го наметна прашањето за состојбата со дивите и неконтролираните депонии.
А вакви локации има низ целата држава. Кога температурите растат, старите и отворените депонии стануваат темпирана еколошка бомба. Органскиот отпад се разградува и создава гасови, а високите температури и човечката активност дополнително го зголемуваат ризикот од самозапалување и пожари.
Проблемот е што пожарот можеби се гасне за неколку часа, но последиците не исчезнуваат со чадот. Горењето отпад, особено пластика и други материјали, создава загадувачки материи кои можат да имаат негативно влијание врз воздухот и врз здравјето на населението. Дополнителен ризик е и исцедокот од депониите, кој може да стигне до почвата, површинските и подземните води.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во земјава се евидентирани десетици активни депонии, а значителен дел од отпадот и натаму се отстранува на неконтролирани депонии. Тоа значи дека отпадот не исчезнува – само се трга од погледот.
И токму тоа е суштината на проблемот. Граѓаните гледаат камиони како го товараат отпадот и можеби за момент изгледа дека депонијата се расчистува. Но, ако нема регионален систем за селекција, третман и безбедно депонирање, отпадот само го менува местото.
Од Кичево до Буково, од Арачиново до бројните диви депонии низ државата, сценариото се повторува – отпад, чад, земја и ново ветување дека проблемот ќе биде решен. Чаре има, но не со преместување на ѓубрето од една локација на друга. Потребни се функционални регионални центри за управување со отпад, селекција и рециклирање, контролиран третман, санација на постојните депонии и, пред сè, јасна одговорност за тоа каде завршува секој камион со отпад.
(С. Бл.)












