Од ЦУК излегоа со кусо соопштение дека зачаденоста на Скопје е од ветерот кој го носи чадот од актуелниот пожар во Китка, Општина Студеничани и Општина Зелениково. Од друга страна, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој беше во хеликоптерска извидница, извести дека димната завеса над Скопје е од пожарот во атарот на селото Бојане, на планината Жеден
Скопје денеска беше под густа димна завеса, а мирисот на чад и на изгорено ги вознемири граѓаните. Телефоните во Центарот за управување со кризи се вжештија, а скопјани и на социјалните мрежи загрижено прашуваа дали гори Водно и од каде доаѓа чадот што го прекри главниот град. Одговорите беа различни, но едно беше јасно – пожарите повторно го вклучија алармот во метрополата.
Од ЦУК излегоа со кусо соопштение дека зачаденоста на Скопје е од ветерот што го носи чадот од актуелниот пожар во Китка, Општина Студеничани и Општина Зелениково. Од друга страна, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој беше во хеликоптерска извидница извести дека димната завеса над Скопје е од пожарот во атарот на селото Бојане, на планината Жеден.
– Пожарот од тетовската страна сега се префрла на скопската. Тој е на тешко пристапен терен на планината. Во неговото гаснење учествуваат пожарникарите од Тетово како поддршка на скопските пожарникари. Очекувам тој да биде ставен под контрола – изјави Ангелов.
Додека чадот се ширеше низ градот, огнената стихија беснееше на повеќе локации низ државата, а најтешка останува битката со пожарот на Китка.
Инаку, во текот на денешниот ден, до попладневните часови гореше на повеќе локации на отворено, помеѓу кои и неколку исклучително тешки шумски пожари на непристапен терен. Од сите нив, најтежок и најкомплексен е пожарот што гори на планината Китка. Според Ангелов, пожарот во неколку наврати бил ставан под целосна контрола, но за жал, како што рече, некои „злобници“ – луѓе, од користољубие или одмаздољубиви мотиви упорно го палат и повторно подметнале долга линија која било невозможно брзо да се изгасне.
– Овие злобници што палат ваков пожар на вакво место треба да знаат дека со нивното поведение ризикуваат да убијат други луѓе, да ги убијат жителите на многубројните села околу и под планината Китка – изјави Ангелов.
Тој апелираше до локалното населени да внимаваат на некои луѓе кои се меѓу нив, бидејќи имало индиции дека потпалувачите се токму од тој регион и оти државните служби работат на откривање на нивниот идентитет и порано или подоцна тие ќе бидат изнесени пред лицето на правдата.
Освен овој, на непристапен тежок терен бил и шумскиот пожар кој избил во близина на границата со Бугарија, на територијата на општина Пехчево, во атарот на селото Црник. Меѓутоа, благодарение на координацијата на општинските служби со поддршка на трите „ер-трактори“ на ДЗС, овој пожар најпрво бил ставен под контрола, а потоа и целосно изгаснат.
Борба на пожарникарите со пламени јазици на непристапен терен имало и среде Македонска Каменица и Делчево, во атарот на селото Бигле, кој исто така благодарение екипите што биле повикани и поддршката на локалното население, овој пожар е ставен под контрола.
Добрата вест е дека дождот што во неделата заврна на неколку места во државата помогнал да биде изгаснат и пожарот што се разгоре над Сушица, над Коњаре, кој претходно започна на територијата на општина Куманово, во атарот на селото Винце.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, денеска до 13 часот биле регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор. Од нив пет се активни, еден е под контрола, додека осум се изгаснати.
Активни се пожарите во селата Моране, Вртекица, Рамни Габер – Општина Студеничани, со крак кон селата Палиград и Вражале – Општина Зелениково, каде што гори мешана шума, потоа во селото Драгов Дол, место викано Видуш и кај селото Локвица – Општина Македонски Брод, каде што горат ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки, кај Логистичкиот центар на КАМ – Општина Илинден што каде гори ниска вегетација, во селото Бујковци – Општина Илинден, каде што, исто така, гори ниска вегетација и во селото Бојане – Општина Сарај, каде што гори шума.
Воедно, под контрола е пожарот во селото Тајмиште, местото викано Дарда – Општина Кичево, каде гори високостеблеста букова шума.
Изгаснати пожари се пожарите на улица „Ристо Ќурчиев“ –Општина Струмица, во селото Пиперево – Општина Василево, во селото Бигла – Општина Делчево, на улицата „Ѓорче Петров“ – Општина Куманово, во селото Туденце – Општина Јегуновце, во селото Горна Ѓоновица – Општина Гостивар, во селото Чајле, исто така Општина Гостивар и во селата Ломница и Ѓурѓевиште – Општина Врапчиште.
На Китка спасено теле – мала победа во тешката акција
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, сподели во јавноста несекојдневна случка.
Вчера додека бил на местото на големиот пожар над селото Палиград, на планината Китка, во метежот и огнот, пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје успеале да спасат едно мало теле кое останало на опожарениот терен.
– Мало, исплашено, но живо – една мала победа во тешкиот ден. Во вакви моменти, секој спасен живот е важен – истакна Али.
Тој додава дека, за жал, пожарите не ги загрозуваат само природата, имотот и животите на луѓето, туку и животните, кои често остануваат беспомошни пред огнената стихија.
Затоа, апелираше на максимална одговорност и внимателност.
– Пожарите, без разлика дали се подметнати или избувнуваат поради невнимание, оставаат последици врз сите живи суштества. Да ја чуваме природата, да ги заштитиме луѓето, имотот и животните – порача Али.
(А. П.)












