Национален парк „Пелистер“ реализира едукативна програма за ученици од битолските училишта, во која се вклучени содржини за природните реткости и вредности на националниот парк.
– За време на посетите на Инфоцентарот и изложбениот салон на Националниот парк, учениците и нивните наставници се запознаваат со биодиверзитетот, природните богатства и со значењето на заштитата на животната средина, со цел развивање на еколошка свест кај младите генерации – информираа од НП „Пелистер“.
Во изминатиот период биле реализирани активности со вкупно 125 учесници во првите два дена, а програмата активно продолжува и понатаму. Во последната реализирана посета учествувале 135 ученици и вработени, во рамки на која биле спроведени едукативни содржини со водичи и едукатори, интерактивни активности за запознавање со природните вредности на Пелистер, како и посета на Инфо-центарот и изложбениот салон на Националниот парк .
Неодамна, НП „Пелистер“ го пушти во функција адреналинскиот парк за деца и возрасни, како и нови содржини за одмор и рекреација опремени кај местото наречено Голема Ливада и Мала Ливада.












