Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека за судбината на предложеното луксузно одморалиште поврзано со семејството Трамп – проект што во текот на летото предизвика масовни протести во земјата – ќе се одлучува врз основа на резултатите од проценката на влијанието врз животната средина, а не врз основа на „улицата и идеологијата“.
Предложената инвестиција во заштитеното подрачје Звернец на југозападот на Албанија е поврзана со ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, кој го советува претседателот на САД и преговара во негово име.
Албанскиот премиер вчера на самитот за патувања и туризам 2026 на „Еуроњуз“ во Брисел, во изјава за бриселскиот портал продолжи да го брани проектот и истакна дека тој ќе има големо влијание врз поранешната комунистичка земја која настојува да влезе на пазарот на луксузен туризам.
Рама истакна дека неговата влада мора да привлече такви инвестиции за да се „задоволат потребите на земјата, за да имаме подобар живот, повисоки плати, подобри услуги“.
Проектот за последица имаше протести, а некои го повикуваат Рама да поднесе оставка поради него.
Албанија, која во моментов е меѓу предводниците за членство во ЕУ, во јуни ја увери Европската комисија дека проектот ќе биде во согласност со еколошките стандарди на Унијата.
За да го заврши процесот на пристапување кон ЕУ, Тирана мора да ги усогласи прописите со правната рамка на Унијата, вклучително и во областа на заштитата на животната средина.
Зборувајќи за Албанија како растечка туристичка дестинација, Рама ја опиша земјата како поранешна „Северна Кореја на Европа“ и објави планови за унапредување на туризмот од „повисок квалитет“ во атмосфера на протести против таквите проекти.
Премиерот рече и дека Албанија, некогаш „најизолираната земја во Европа“, досега оваа година ја посетиле речиси 12 милиони странски туристи, а дека таа цифра ја поткрепуваат и податоците на ОН, пренесе Јуроњуз.
Меѓутоа, пишува бриселскиот портал, се чини дека Рама не е сосема задоволен од туристите кои го донесоа тој раст.
„Една од маните е тоа што со туризмот заснован на туристи со ниски и средни приходи ризикуваме земјата да биде под голем притисок – врз нејзината инфраструктура, природата и услугите“, рече премиерот на Албанија.
Рама рече дека Албанија го пропушта она што би можеле да го понудат туристите со високи приходи и додаде дека тие „го намалуваат оптоварувањето за земјата, а од нив добиваме повеќе“.
„Затоа инвестираме за да привлечеме и инвеститори кои носат врвен квалитет“, истакна Рама и додаде дека новиот замав на Албанија кон висококвалитетни инвестиции ќе биде отворен за странски капитал, партнерства и домашни компании.












