четврток, октомври 1, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Руските напади го згаснаа клучното производство во Украина: Се застана!

Руските напади го згаснаа клучното производство во Украина: Се застана!

453
EPA/STRINGER

Украина го запре производството на челик откако руските напади принудија прекин на работата во последните преостанати железари, соопшти во средата здружението на украинските производители на челик.

„Во моментов не се произведува челик“, потврдија од здружението за Ројтерс.

Во 2025 година, Украина произведе 7,4 милиони тони челик, што претставува значителен пад во однос на 21,4 милиони тони произведени во 2021 година. Во тоа време, металните производи генерираа приход од извоз во вредност од речиси 14 милијарди долари и сочинуваа околу една петтина од вкупниот извоз на Украина.

Пред 2014 година, Украина имаше пет големи железари. Една беше заземена по руската окупација на делови од Донбас во 2014 година, додека други две беа практично уништени за време на битката за Мариупол на југот на земјата, по почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година.

До неодамна, производството на челик сè уште се одвиваше во погонот „АрцелорМитал Криви Рих“ – најголемата украинска железара – како и во железарата „Запорижстал“ (во сопственост на „Метинвест“) во градот Запорожје, кој се наоѓа на линијата на фронтот, и во неколку помали капацитети.

Сепак, интензивирањето на руските напади во последните недели ги принуди погоните да го запрат производството. Минатата недела, „АрцелорМитал“ ја извести украинската влада дека обезбедувањето „безбедно и одржливо“ работење повеќе не е можно, откако нејзиниот погон на југоистокот на земјата беше погоден од четири напади во рок од само пет недели. Во нападите загинаа пет работници, а објектот претрпе значителна материјална штета.

Во вторникот, „Метинвест“ објави изјава од Олександр Водовиз, раководител на канцеларијата на извршниот директор на компанијата, во која се наведува дека сите украински железари претрпеле штети.

„Некои беа погодени повеќепати. Многу луѓе загинаа. Во моментов ја имаме прекинато работата“, рече Водовиз.

Поради руските напади, производството на челик во Украина се намали за повеќе од половина во август – паѓајќи на 277.000 тони од 649.400 тони во истиот месец претходната година. Според податоците на здружението на производители на челик, украинското производство опаднало за 12,5 отсто на годишно ниво во првите осум месеци од 2026 година, достигнувајќи вкупно 4,3 милиони тони.

Прекинот на производството дополнително го загрозува клучниот сектор на украинската економија, кој пред војната играше витална улога во извозот и во остварувањето државни приходи.

ИЗДВОЕНИ