НБА прави сериозен чекор кон освојување на европскиот кошаркарски пазар. Американската лига објави план за обезбедување најмалку 10 милијарди евра, кои ќе бидат наменети за изградба и за реновирање на спортски арени, како и за развој на модерни спортски, забавни и комерцијални комплекси низ Европа.

Овој амбициозен проект е дел од подготовките за лансирање на новото натпреварување „НБА Европа“, кое НБА и ФИБА планираат да го започнат во октомври, 2027 година. Во финансиската иницијатива ќе бидат вклучени неколку големи глобални инвестициски компании, меѓу кои „Аполо спортс капитал“, „Блекстоун“, „Џ. П. Морган“, „Арес менаџмент“ и „Сикст стрит“.

Целта е европските градови да добијат арени што ќе ги исполнуваат највисоките професионални стандарди, со подобри услови за гледачите, угостителски услуги и медиумска инфраструктура. Плановите не се ограничуваат само на спортските објекти туку предвидуваат и изградба на ресторани, продавници, деловни и станбени простори, со што комплексите би функционирале во текот на целата година.

Според проекциите на НБА, новото натпреварување би можело во првите десет години да генерира повеќе од 24 милијарди евра бруто додадена вредност за европската економија, да поддржи речиси 15.000 работни места годишно и да привлече околу 70 милиони гледачи.

Планирано е лигата да има 16 клубови, од кои 12 би добиле загарантирани места, додека останатите четири би се одредувале според спортските резултати. Меѓу потенцијалните центри се Лондон, Манчестер, Париз, Лион, Мадрид, Барселона, Рим, Милано, Минхен, Берлин, Атина и Истанбул.

Сè уште не е познато кои клубови ќе бидат дел од проектот, а отворено останува и прашањето за односот со Евролигата. Таа неодамна го одби предлогот за интеграција со НБА и ФИБА, па доколку не се постигне договор, Европа би можела да добие две ривалски елитни натпреварувања.

Со инвестиција од најмалку 10 милијарди евра, НБА јасно покажува дека не планира само да создаде нова лига туку да го промени целокупниот изглед на европската кошарка.

ИЗДВОЕНИ