Според украинското воено разузнавање (HUR), Северна Кореја привремено ја запрела воената помош за Русија поради несогласување во врска со ставот на Русија кон Јужна Кореја.
Пјонгјанг стана клучен сојузник на Москва во војната против Украина, снабдувајќи ја со балистички ракети и артилериска муниција. Според украински и западни извори, Северна Кореја испратила и околу 14.000 војници во рускиот регион Курск, а истите извори тврдат дека повеќе од 6.000 од нив се загинати.
Според HUR, тензиите ескалирале во октомври, откако заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Андреј Руденко, наводно изјавил дека Москва ќе помогне во намалувањето на тензиите меѓу Сеул и Пјонгјанг.
Севернокорејската министерка за надворешни работи, Чое Сон Хуи, побарала појаснување за политиката на Русија, истакнувајќи дека таквите изјави се во спротивност со сојузот меѓу двете земји. Потоа, според HUR, таа објавила привремено прекинување на воената помош, по одлука на лидерот Ким Џонг Ун.
Мерките, наводно, вклучуваат забрана за влез на руски воени транспортни авиони во севернокорејскиот воздушен простор, како и запирање на испораката на ракети „КН-23“ (KN-23) и артилериски гранати.
Украинската разузнавачка служба исто така тврди дека Пјонгјанг го ставил во мирување барањето за зголемување на својот воен контингент во Русија од 8.500 на 50.000 војници.
Сепак, севернокорејските единици остануваат распоредени во Русија. Според HUR, припадници на 11-тиот корпус на специјалните сили се наоѓаат во регионот Курск, додека една ракетна единица дејствува во регионот Воронеж.
HUR не откри како дошла до овие информации, а „Киев индепендент“, не можеше независно да ги потврди.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе продолжи со тесна соработка со Пјонгјанг во рамките на нивното сеопфатно стратешко партнерство. Воените врски меѓу двете земји се интензивираа од 2023 година, а во 2024 година беа официјализирани преку договор што вклучува клаузула за заемна одбрана.












