вторник, август 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ЕЦБ ѝ одобри на Народната банка пристап до репо-линија од 50 милијарди...

ЕЦБ ѝ одобри на Народната банка пристап до репо-линија од 50 милијарди евра

12

Европската централна банка (ЕЦБ) ѝ одобри на Народната банка пристап до зголемената репо-линија на Евросистемот (ЕУРЕП), со максимален износ од 50 милијарди евра, соопштија од Народната банка.

По завршувањето на техничкиот процес на приклучување, Народната банка ќе има брз пристап до девизната ликвидност, што ќе ѝ овозможи полесно справување со потенцијалните шокови во финансирањето и со зголемената побарувачка на ликвидност во евра.

– И покрај тоа што девизните резерви на Народната банка се на високо ниво и претставуваат примарен заштитен механизам за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, пристапот до зголемената репо-линија претставува значителна поддршка за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем и за справување со евентуални надворешни шокови и зголемена побарувачка за ликвидност во евра – се наведува во соопштението.

Народната банка досега имаше пристап до репо-линија на ЕЦБ во максимален износ од 400 милиони евра, воспоставена во текот на пандемијата на ковид-19 и последен пат продолжена до 31 јануари 2027 година.

За разлика од досегашната репо-линија, зголемената репо-линија (ЕУРЕП) претставува траен инструмент на евросистемот, со значително поголем капацитет и поширок опфат. Со тоа дополнително се зајакнува заштитната мрежа за обезбедување ликвидност во евра во услови на евентуално пазарно нарушување.

ЕУРЕП е инструмент на евросистемот воспоставен со цел да го поддржи непреченото спроведување на монетарната политика. Тој обезбедува постојан пристап до ликвидноста во евра за централните банки и монетарните власти надвор од еврозоната, а со него управуваат пет национални централни банки под координација на ЕЦБ.

Со воведувањето на зголемената репо-линија и со овозможувањето пристап до неа, ЕЦБ ја потврдува својата посветеност на обезбедувањето ликвидност во евра во периоди на пазарни предизвици за централните банки надвор од еврозоната, како и на поддршката на непреченото функционирање на финансиските пазари.

ИЗДВОЕНИ