вторник, август 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Сметките за вода, комуналии и за јавни услуги ќе се фактурираат електронски

Сметките за вода, комуналии и за јавни услуги ќе се фактурираат електронски

15

Управата за јавни приходи (УЈП), во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), организираше обука за подготовка на општините и на јавните комунални претпријатија за воведување на системот е-Фактура. На обуката учествувале 80-мина претставници од општините и од јавните претпријатија.

На учесниците им биле презентирани функционалноста на системот, начинот на користење, како и обврските и придобивките од електронското фактурирање. Тимот на УЈП ги запознал присутните и со бесплатната веб-апликација преку која ќе може да се користи системот, а биле разгледани и прашања поврзани со неговата практична примена.

Од УЈП ги повикале општините и јавните комунални претпријатија активно да го тестираат системот и навремено да доставуваат предлози за негово подобрување. Особено внимание ѝ било посветено на можноста јавните комунални претпријатија да испраќаат поголем број фактури до граѓаните, поврзувањето на постојните информациски системи со е-Фактура и користењето на постојните квалификувани електронски сертификати.

Во пилот-фазата, системот може да се тестира преку директно поврзување со деловните информациски системи преку API-интерфејс или преку веб-апликацијата.

Во моментов се тестира функционалноста, како креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање електронски фактури. За во следниот период се планира постепено проширување на тестирањето до целосно вклучување на сите процеси и видови документи.

Од УЈП оценуваат дека навременото вклучување на општините и на јавните претпријатија е особено важно, бидејќи јавните комунални претпријатија се меѓу најголемите издавачи на фактури во јавниот сектор.

УЈП најавува и продолжување на информативните и на едукативните активности за навремена подготовка на сите обврзници за примена на системот е-Фактура, со кој се очекуваат поефикасно и побрзо фактурирање и поголема транспарентност на деловните процеси.

ИЗДВОЕНИ