вторник, август 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Колони на границите, гужви на патарините – повеќе М-тагови за помалку чекање

Колони на границите, гужви на патарините – повеќе М-тагови за помалку чекање

Метежот на патарините повторно го отвори прашањето за потребата од поголем број М-ТАГ уреди и за поефикасна електронска наплата. Поголемата примена на електронскиот систем би овозможила побрз проток на возила и намалување на редиците, особено во периодите на зголемена фреквенција на патиштата. Со дигитализацијата на наплатата може да се намали и сивата економија, како и потребата од човечки ресурси на наплатните места

0

Долгите колони на патарините повторно го отвораат прашањето за ефикасноста на системот за наплата и за потребата од поголем број М-ТАГ уреди и активни ленти за електронска наплата. Од Либералнодемократската партија велат дека поставувањето М-ТАГ уреди на сите патарини би овозможило побрз проток на возила, особено во периодите на зголемена фреквенција на патиштата. Оттаму посочуваат дека граѓаните и понатаму се соочуваат со долго чекање, иако електронската наплата треба да овозможи побрзо и поефикасно минување низ патарините. Според поранешниот директор на Агенцијата за туризам, Љупчо Јаневски, зголемувањето на бројот на М-ТАГ уреди е потребно не само за намалување на метежот туку и за подобро регионално поврзување и олеснување на транспортот.

– Ние сè уште немаме М-ТАГ уреди на сите патарини низ државата и е потребно да се зголеми нивниот број, со цел да се овозможи побрз и поефикасен проток на возила. Воедно, треба јасно да се знае каде важат М-ТАГ уредите што ги користат граѓаните и дали може да се користат тие и во други земји. Токму тоа беше една од целите на иницијативата „Отворен Балкан“: да се овозможи полесен и послободен проток на луѓе, стока и услуги во регионот – вели Јаневски за ВЕЧЕР.

Тој смета дека пошироката употреба на електронската наплата би значела приближување кон европските практики, но и поефикасно функционирање на системот.

– Ако сакаме да бидеме дел од Европската Унија, треба да ги применуваме европските практики и стандарди. Зголемената употреба на електронската наплата ќе придонесе за намалување на метежот, побрз проток на возила и на луѓе, но и за поефикасен транспорт на стока. Дополнително, ќе се намали потребата од човечки ресурси на самите наплатните места, а со тоа и трошоците за функционирање на системот – посочува Јаневски.

Според него, електронскиот систем може да придонесе и за поголема транспарентност во наплатата и во намалувањето на сивата економија. Јаневски смета дека треба да се олесни и начинот на надополнување на М-ТАГ уредите, а во иднина да се размислува и за дополнителни поволности за одредени категории возила.

– Со електронската наплата, дополнително може да се намали сивата економија и да се обезбеди поголема транспарентност во наплатата. Потребно е и полесно да се надополнува М-ТАГ уредот, а целиот систем да биде едноставен и достапен за граѓаните. Може да се размислува и за дополнителни поволности, на пример електричните возила да имаат ослободено или намалено плаќање патарина, како стимул за користење почист транспорт – вели Јаневски.

Поврзувањето на системите за електронска наплата, според него, би било особено значајно за македонските превозници, за кои секое намалување на времето поминато во чекање значи и поголема конкурентност.

– Во Европа има земји што немаат патарини, но за балканските земји е важно да имаат меѓусебно усогласени системи и исти или компатибилни електронски тагови. Тоа е особено значајно во време кога имаат нашите превозници ограничен пристап до пазарот на Европската Унија и се соочуваат со сериозна конкуренција. Ако овозможиме побрз транспорт и помалку чекање на патарините, македонските превозници може да станат поконкурентни. Наместо едно патување да трае три дена поради чекањето и административните процедури, може да се скрати времето на два дена – појаснува Јаневски.

На проблемот со колоните и со организацијата на наплатата реагираат и од ЛДП. Од партијата бараат да има М-ТАГ уреди на сите патарини и да се обезбедат услови за поголем број возила да ја користат електронската наплата.

– Не ви беа доволни две години да ги поставите М-ТАГ уредите на сите патарини во државата? До кога ќе бидат принудени граѓаните да чекаат во долги колони? Секојдневно, илјадници луѓе патуваат по македонските патишта, а наместо брзо и ефикасно да поминат низ патарините, се соочуваат со долго задржување поради неажурност и лоша организација. ЛДП бара веднаш и без дополнително одлагање да се постават М-ТАГ уреди на сите патарини во државата и да се обезбедат услови за побрза електронска наплата. Државата ќе плати еднаш за поставувањето, а придобивките и заштедите ќе ги користи со години. Со зголемување на бројот на М-ТАГ уреди ќе се намалат колоните, ќе се скрати времето на чекање и ќе се олесни сообраќајот на сите клучни патишта во Македонија – вели Бобан Јанкоски, член на Извршниот одбор на ЛДП.

Во меѓувреме, системот за наплата на патарините претрпи измени, па лентите означени за М-ТАГ се наменети исклучиво за корисниците на електронски тагови. Од Јавното претпријатие за државни патишта апелираат возачите внимателно да ја следат сигнализацијата и да ги користат лентите според начинот на плаќање.

Сепак, дел од возачите реагираат дека не е проблемот само во бројот на М-ТАГ уреди туку и во организацијата на електронската наплата. Тие посочуваат дека на одредени наплатни станици, меѓу кои ја наведуваат и Петровец, не е редовно активна посебната лента за М-карт, поради што корисниците се принудени да чекаат заедно со оние што плаќаат во готово.

Така, покрај зголемувањето на бројот на М-ТАГ уреди, во фокусот останува и организацијата на наплатните станици, односно бројот на активни електронски ленти. Целта на електронската наплата е да го забрза протокот на возила, а не корисниците на овие услуги повторно да чекаат во истите колони.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ