Стражарската служба на Индустриската зона „Жабени“, Битола, забележалa две лица кои недозволено се движele во близина на пречистителната станица. Дали целта била да и се направи штета на пречистителната станица, или не, сепак од страна на менаџерскиот тим на зоната кон двете лица е доставена пријава во СВР Битола.

– Со оглед дека, Индустриската зона „Жабени“, повторно станува привлечно место за нови инвестиции, како менаџерски тим должни сме да ги преземеме сите мерки кои обезбедуваат добри услови за инвеститорите и им гарантираат сигурност како нив, така и на вработените, но и на сите граѓани на Општина Битола – информираа од ИЗ „Жабени“.

Оттаму велат дека немаат сознанија со каква цел лицата биле присутни во просторот на зоната.

– Имајќи го предвид значењето на пречистителната станица за сите корисници на зоната, како и опасноста што може да се предизвика во случај на нејзино оштетување, која може да биде на ниво на еколошка катастрофа, од наша страна веднаш, преземени се сите потребни мерки и доставена е пријава до СВР Битола,  од каде соодветно се постапува. Наша обврска е одговорно да управуваме со Индустриската зона „Жабени“, поради што нема да дозволиме ваквите случаи никому да наштетат – потенцираат од ИЗ „Жабени“.

Пречистителната станица во Индустриската зона „Жабени“ беше пуштена во употреба во март 2013 година. Тогаш истовремено беа ставени во функција и пречистителната станица и новата трафостаница, како дел од инфраструктурното доуредување на зоната. Инвестицијата за двата објекта изнесувала околу 1,8 милиони евра, пари од владата и општината. Со Трафостаницата стопанисува ЕСМ, со пречистителната – Битола преку својата индустриска зона. За неа беа потрошени 600 илијади евра.

ИЗДВОЕНИ