петок, октомври 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Бројот 112 е за итни случаи, чувајте ја линијата слободна за оние...

Бројот 112 е за итни случаи, чувајте ја линијата слободна за оние на кои им е најпотребна

9

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните да се користи бројот 112 одговорно и исклучиво во ситуации кога е потребна итна и неодложна интервенција.

Тие во изминатиот период регистрирале голем број повици кон 112 што немале итен карактер – повици поврзани со секојдневни проблеми, меѓучовечко недоразбирање, барање информации, административни прашања и други ситуации во кои не постои непосредна опасност и не е потребна итна реакција на надлежните служби.

Затоа предупредуваат дека секој повик што не е итен ги зафаќа времето на операторот и капацитетот на линиите.

– Во истиот момент, на помош може да чека лице чиј живот или здравје е загрозено, жртва на насилство, учесник во тешка сообраќајна несреќа или граѓанин соочен со друга реална опасност – потенцираат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека граѓаните можат да се јават на 112 кога постои непосредна опасност за животот, здравјето, безбедноста, имотот или за животната средина и кога е потребна итна интервенција на полицијата, Итната медицинска помош, единиците за противпожарна заштита или на другите надлежни служби.

Појаснуваат дека доколку ситуацијата не бара итна реакција, граѓаните може да се обратат до институцијата или службата надлежна за конкретниот проблем, преку нејзините редовни контакт-канали.

Од ЦУК апелираат и до институциите, јавните претпријатија, компаниите и до единиците на локалната самоуправа да не го посочуваат 112 како општ контакт-број за прибирање информации, административни пријави, евидентирање материјална штета и други потреби што немаат итен карактер.

ИЗДВОЕНИ