понеделник, јуни 15, 2026
Дома КУЛТУРА Експертска француска поддршка и обука за заштита, конзервација и реставрација на културното...

Експертска француска поддршка и обука за заштита, конзервација и реставрација на културното наследство

28

Македонија поседува богато културно наследство кое бара итна и стручна заштита, конзервација и реставрација. Размената на искуства со други земји е клучна за воведувањето современи меѓународни стандарди во нашите институции. Најголема потреба се чувствува во делот на професионалната обука и дефицитот на млади кадри. Странската обука овозможува совладување на напредните дигитални алатки за 3Д-скенирање и документирање на артефактите. Исто така, преку меѓународната соработка, се учат нови техники за хемиска стабилизација на материјалите. Стручњаците, преку ваквите програми, стекнуваат знаења за менаџирање со кризи и заштита на локалитетите од природни катастрофи. Покрај техничкиот дел, странските модели помагаат за правилно економско вреднување на културното богатство. Ова овозможува развој на одржливиот културен туризам, кој носи финансиска самоодржливост на музеите. На крајот, соработката отвора врати за финансирање преку европските фондови и грантови за заштита. Без трансфер на овие знаења, постои ризик од трајно губење на нашите вредни историски и религиозни споменици.

Во таа насока, деновиве меѓу Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Француската Република во Скопје се потпиша меморандумот за соработка во областа на културата и на туризмот.

Меморандумот за соработка предвидува заштита, конзервација, реставрација и вреднување на културното богатство преку примена на најсовремените стандарди, модерно управување на музеите, дигитализација на архивскиот материјал, потоа обука на професионалците од областа на културата, како и многу поголема мобилност на уметниците и луѓето од креативните индустрии преку учество на фестивали, средби и проекти во музичката, во театарската уметност, кинематографијата и визуелните уметности.

Со меморандумот, како што посочи министерот Зоран Љутков, соработката на Македонија и на Франција во областа на културата и на туризмот се крева на уште повисоко и пооперативно ниво. Тој најави формирање заеднички работни групи, кои ќе почнат со имплементација на планираните активности.

– Овој меморандум, за мене, е особено значаен зашто отвора можности за заеднички проекти, особено во делот на стручната обука. Предвидува и експертска француска поддршка, примена на најсовремените стандарди за заштита на културното наследство, развој на креативните индустрии, туризмот… Особено радува фактот што ќе добиеме поддршка за конзервација и реставрација на македонското културно богатство, современо управување на музеите, дигитализација на архивскиот материјал и професионално усовршување на кадрите. Заедно ќе настапуваме и во меѓународната соработка, програмите и фондовите – истакна Љутков по потпишувањето.

Според францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, пак, ова е нова етапа во зајакнувањето на односите во културата меѓу двете држави.

– Конзервацијата на стари ракописи, византиски фрески и икони на дрво е веќе почната. Предвидуваме обука за голем број македонски професионалци, кои ќе стекнат француско знаење и експертиза, а се охрабрува и мобилноста меѓу уметниците, креаторите и професионалците, зашто ќе имаат можност да престојуваат во Франција, да учествуваат на фестивали, средби и да бидат дел од разни проекти во музиката, театарот, визуелните уметности, кинематографијатa – истакна амбасадорот.

И домашните експерти посочуваат дека меѓународните искуства и континуираната обука се клучниот сегмент за спас на нашето археолошко и историско наследство. Во ера на брз технолошки напредок, заштитата повеќе не трпи импровизации. На македонските институции им е неопходна странска обука за совладување на напредното 3Д-дигитално скенирање, ласерско чистење и нано-технологија за стабилизација на загрозените материјали.

Како светол пример каде што странското искуство веќе со години ја менува реалноста на терен е археолошкиот локалитет Стоби. Оваа национална установа стана вистински центар на меѓународна соработка. Преку партнерства со организации како „Balkan Heritage Foundation“, во Стоби редовно се спроведуваат меѓународни летни школи и работилници за конзервација на мозаици, фрески и античка керамика. Токму периодов, односно од 6 јуни до 4 јули годинава, на археолошкиот локалитет Стоби се одржува меѓународна археолошка теренска школа, организирана во соработка со „Balkan Heritage Foundation“. Програмата им нуди на учесниците практично искуство од археолошките ископувања, документација и истражување во урбана средина од римскиот и доцноримскиот период. Во текот на школата, учесниците ќе се обучуваат за археолошки ископувања, теренска документација, фотограметрија и 3Д археолошко снимање и моделирање. Програмата вклучува и обработка и анализа на археолошки наоди, овозможувајќи целосен увид во процесот на археолошко истражување. Дополнително, преку амбасадорскиот грант на САД и поддршката од престижниот фонд „Џ.М. Каплан“ од Њујорк, се реализираат капитални проекти за зачувување на историските локалитети, музејските збирки и ракописи. Во Македонија, програмата има поддржано над 18 проекти, меѓу кои археолошкиот локалитет Стоби, Шарената џамија во Тетово, црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид и Даут-пашиниот амам. Неодамна, пак, во соработка со стручњаци од Фиренца, италијански експерти одржаа специјалистичка обука за македонските конзерватори за употреба на современиот нано-малтер за консолидација на камен.

ИЗДВОЕНИ