петок, октомври 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Серафимовски: Преку два милиони евра за дигитализација на земјоделството

Серафимовски: Преку два милиони евра за дигитализација на земјоделството

0

Во завршна фаза е постапката за избор на изведувач за воспоставување на Интегрираната земјоделска информациска платформа (ИАИП) и информацискиот систем за управување со земјиштето во државна сопственост (САЛМИС). Понудите веќе се евалуираат, а имплементацијата на проектот, чија вредност надминува два милиони евра, се очекува да започне во јануари следната година.

Ова го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој истакна дека успешноста на проектот ќе се оценува преку конкретните придобивки за земјоделците.

– Научното знаење, проверените податоци и европските искуства ги поврзуваме во подготовката на политиките, а резултатите од оваа модернизација ќе ги мериме преку конкретната корист за земјоделците, а тоа е поефикасно работење, подобар квалитет и поголема економска одржливост – истакна Серафимовски.

Според него, дигитализацијата ќе отвори и нови професионални можности за младите во областите на агрономијата, инженерството и информатиката.

Интегрираната земјоделска информациска платформа треба да ги обедини и да управува со земјоделските податоци во земјава, додека системот САЛМИС ќе овозможи поголема транспарентност и ефикасност во распределбата и следењето на државното земјоделско земјиште.

Проектот се реализира во рамките на Проектот за модернизација на земјоделството, финансиран од Светска банка, и опфаќа проектирање, развој и имплементација на двата информациски системи.

 

ИЗДВОЕНИ