Основното училиште „Братство“ во Тафталиџе 2 ќе добие нова спортска сала. На поставувањето на камен-темелникот на објектот денеска присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и општинското раководство, кои при посетата на Општината, беа и на увид во градежните активности за асфалтирање на улицата „Софиска“.
Салата ќе се протега на површина од 1.400 квадратни метри, со трибински дел за 410 посетители. Освен за образовна настава, ќе ги исполнува стандардите и за домашни и за меѓународни натпревари, како и за спортско-културни настани.
Новата спортска сала треба да биде изградена за три месеци.
– Двата проекти со вклучен ДДВ се речиси два милиони денари, а имаат цел да го олеснат начинот на функционирање на жителите во овие населени места. Кога ќе биде изградена салата, учениците ќе може да другаруваат, да го градат својот спортски дух и да растат во подобри личности – рече премиерот Мицкоски.
Министерката Јаневска истакна дека салата што се гради е мултифункционална, покрај училиштето, ќе се користи и за комерцијални цели, за спортски натпревари, како и за спортско-културни настани.
Таа соопшти дека со речиси 90 милиони евра се изработуваат 70 проекти во образованието.
– Заедно со општините, Владата спроведува голема градежна офанзива за подобрување на образовната инфраструктура – рече Јаневска.












