Филмот „Руини“ во режија на Елена Чемерска вчера имаше премиера на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, во Филм Арт Центарот во Шангај, Кина.
Како што објавија од продукцијата, проекцијата се одржала пред преполна сала и била проследена со разговор со публиката, која покажала голем интерес и ги споделила своите впечатоци за филмот. По проекцијата следела и средба на авторите со бројните посетители, кои ги поздравиле со долг аплауз.
Дебитантскиот документарец „Руини” на Чемерска произлегол од нејзиниот долгогодишен ангажман околу ревитализацијата на Споменикот на слободата во Кочани, комплекс од отворени ѕидни конструкции, на кои се применети мозаици на познатиот македонски уметник Глигор Чемерски кој ѝ е татко.

„Руини” е копродукција помеѓу Синема Футура и Минимал колектив од Македонија, Рестарт од Хрватска и Потем од Словенија, во соработка со Филмтрик. Кинематографијата е на Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата на Владимир Гојун и Горјан Атанасов. Композитор е Игор Василев Новоградска, а дизајнер на звук – Лука Гамулин. Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска, копродуценти Оливер Сертиќ и Ивана Нацева, а извршен продуцент – Атанас Георгиев. Филмот е реализиран со поддршка од македонската Агенција за филм, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд.












