понеделник, јуни 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мегапонеделник за ЕУ, дежа ви за Македонија

Мегапонеделник за ЕУ, дежа ви за Македонија

369
Еврокомесарката Марта Кос и бугарската министерка за надворешни работи, Весислава Петрова Чамова

БРИСЕЛ СО ФОКУС НА ПРОШИРУВАЊЕТО, СКОПЈЕ И НАТАМУ ВО ЧЕКАЛНИЦАТА

Украина и Молдавија добија нов импулс на европскиот пат, Црна Гора затвора нови поглавја, а Македонија останува без конкретен исчекор кон Брисел. Еврокомесарката Марта Кос го нарече денешниот ден „мегапонеделник за проширувањето“, но за Скопје и натаму доминираат старите дилеми околу деблокадата на процесот. Во меѓувреме, Кос на почетокот од следниот месец повторно ќе дојде во Македонија, една година по посетата што предизвика бурни реакции. Наместо европски напредок, домашната сцена повторно е обележана со меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата

Мегапонеделник за Европа, дежа ви за Македонија. Додека Украина и Молдавија отвораат ново поглавје во односите со Европската Унија, а Црна Гора се приближува кон затворање на половина од преговарачките поглавја, Македонија останува заробена во добро познатата слика – без напредок кон Брисел и со домашна политичка пресметка околу вината за застојот. Пред почетокот на меѓувладината конференција меѓу ЕУ и Црна Гора и конференциите со Украина и со Молдавија во Луксембург, еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, им порача и на кандидатите за членство да продолжат со реформите на европскиот пат.

– Денес е мегапонеделник за проширување на ЕУ. Прво, Украина и Молдавија ќе го направат својот најголем чекор од одлуката за започнување преговори за пристапување во ЕУ во 2023 година. Исто така, ќе затвориме уште две поглавја со Црна Гора, со што ќе се приближиме до половина од сите поглавја затворени. Денес е ден наменет да се поттикнат кандидатите да продолжат со темпото на реформи – напиша Кос на социјалните мрежи.

Но, додека Брисел испраќа пораки за нова енергија во политиката на проширување, Македонија и натаму останува надвор од кругот на земји што бележат конкретен напредок. Во таква атмосфера, на почетокот од идниот месец, во Скопје повторно ќе дојде токму Кос. Нејзината посета следува само неколку недели по престојот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и е дел од засилената дипломатска офанзива на Европската Унија кон Западен Балкан. Точно една година по посетата што предизвика бурни реакции поради споредбата на идентитетските прашања со пинџурот, тавче-гравчето и полнетите пиперки, Кос повторно ќе се обиде да испрати пораки за европската перспектива на земјава. Но, за разлика од оптимизмот што се слуша денес за Украина и за Молдавија, во Македонија и понатаму остануваат отворени истите дилеми: дали и кога ќе се деблокира процесот на пристапување и дали може Брисел да понуди поцврсти гаранции дека нема да се појават нови условувања на патот кон членството.

Коментирајќи го стартот на преговорите на ЕУ со Украина и со Молдавија, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека опозицијата во овие две земји не работи против своите граѓани и влади.

– Разликата помеѓу овие две земји и нашата е тоа што ние ја контролираме целата држава и немаме такви проблеми какви што имаат тие и кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас. И поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станувало збор за стратешките прашања и за надворешните предизвици. Тоа не го направи претходната влада, која беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати бел лист хартија, би рекол, за да остане на власт. Граѓаните го препознаа тоа, ги казнија и ги испратија во опозиција, на следните избори ќе ги испратат и на политичките маргини, а за нив брзо ќе избледи политичката меморија и никогаш повеќе нема да ни се повторат – изјави Мицкоски.

Тој истакна дека Владата ќе продолжи да работи и да испорачува реформи, согласно со Планот за раст.

– Ќе продолжиме да ја градиме македонската економија. Резултати прекуноќ нема. Ние никогаш не сме ветувале чуда и не сме чудотворци. Секој што ветува чуда, не ја зборува вистината. Ние само ветуваме дека напорно ќе работиме, и работиме. Ќе го добиеме заслуженото. Македонија забрзува и Македонија ќе победи, како што победувала многупати во минатото – рече премиерот.

Од опозицискиот СДСМ реагираа дека Мицкоски го напаѓа СДСМ и се крие зад Украина и Молдавија за да го скрие сопствениот неуспех.

– Христијан Мицкоски денес се обиде да се скрие зад Украина и Молдавија и да ја обвини македонската опозиција дека работи против сопствената држава. Тоа не е само безобразно туку и крајно лицемерно. Прво, Мицкоски не сака Македонија да влезе во Европската Унија. Тој свесно ја држи земјата во изолација, затоа што знае дека вистинскиот европски пат значи крај за неговата криминална структура, која ја презеде контролата врз државата. Додека Украина и Молдавија напредуваат кон Европа, тој ја држи Македонија назад за да се заштити себеси и своите луѓе. Второ, наместо да ги спроведе реформите кои самиот ги вети и кои требаше да бидат завршени до 1 јуни, Мицкоски нема никакви резултати. Затоа сега ја напаѓа опозицијата – за да ги прикрие сопствениот неуспех и отсуството на каков било план за европскиот пат. Трето, споредбата со Украина и со Молдавија е срамна. Владите во тие земји не работат за Александар Вучиќ, не го блокираат сопствениот европски пат заради интересите на криминални структури и руски влијанија. Тие не соработуваат со Виктор Орбан, не земаат кинески кредити преку трети држави и не испраќаат членови на владата да преговараат за интереси на Кина, додека нивните земји се членки на НАТО – порачаа од СДСМ преку соопштение.

Македонија и Балканот повторно беа ставени во втор план, откако денеска Европската Унија ги започна формалните преговори за членство со Украина и со Молдавија, по повлекувањето на блокадата од страна на новата влада на Унгарија. Кипар, кој во моментов претседава со Советот на Европската Унија, соопшти дека земјите членки постигнале договор за заеднички став во врска со првата фаза од преговорите, со што се комплетирани сите неопходни подготовки.

Во првиот преговарачки кластер, двете земји мора да покажат дека нивниот правосуден систем и јавната администрација одговараат на стандардите на ЕУ. Процесот на пристапни преговори е тематски поделен на шест сегменти (кластери) со вкупно 33 таканаречени поглавја за кои се преговара.

ЕУ официјално ги почна пристапните преговори со Украина и со Молдавија во јуни 2024 година, но отворањето на првата фаза од разговорите со Киев беше блокирано од унгарското вето. Процесот почна повторно да се движи напред по изборниот пораз на поранешниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, во април.

Новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, минатата недела соопшти дека е постигнат договор со Киев за зајакнување на правата на етничкото унгарско малцинство во соседна Украина. Тој претходно го постави ваквиот договор како услов да даде согласност за почеток на преговорите за членство на Украина во ЕУ. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ