петок, јуни 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Доктор и медицинска сестра осомничени за нелегален увоз, во пратка од 80...

Доктор и медицинска сестра осомничени за нелегален увоз, во пратка од 80 долари се обиделе да прошверцуваат ботокс вреден 10.000 евра

24

Македонската Царина поднесе кривична пријава до обвинителството против две лица – лекар и медицинска сестра вработени во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, поради сомнение дека се обиделе незаконски да увезат поголема количина ботокс преку поштенска пратка.

Според информациите од Царинската управа, при контрола на пратка пријавена за увозно царинење на Царинската испостава Скопје 1, наместо пријавените 10 козметички примероци со декларирана вредност од 80 американски долари, биле пронајдени 199 вијали ботокс наменети за употреба во естетската медицина. Проценетата вредност на запленетите препарати изнесува околу 10.000 евра.

По откривањето на случајот, Одделението за истраги при Царинската управа, во координација со јавен обвинител, спровело предистражни дејствија и извршило претреси на три локации. Истрагата покажала дека првоосомничениот, лекар вработен во Клиничкиот центар, ја нарачал пратката од фирма во Република Кореја, при што било договорено производите во фактурата да бидат прикажани како козметички производи со значително пониска вредност од реалната. Второосомничената, медицинска сестра од истиот здравствен центар, според наодите од истрагата, овозможила пратката да биде испратена на нејзино име и домашна адреса, а плаќањето на фактурата било извршено преку нејзината трансакциска сметка.Против двајцата се поднесени кривични пријави за „криумчарење“ и „царинска измама“.

Од Царинската управа потсетуваат дека увозот на ботокс и слични медицински препарати е предмет на посебни регулативи и дозволи, а секој обид за нивно внесување спротивно на законските процедури ќе биде предмет на санкции.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ