Обвинетата двојка во случајот „Онкологија„ 2 , докторот Нино Васев и екс економскиот директор на Клиниката, Нехат Нухи, излегуваат од затворот Шутка со прифатена гаранција од 530 илјади евра. Кривичниот суд ја прифатил гаранцијата, а претходно позитивно мислење дало и обвинителството, на обвинетите им се определени мерки на претпазливост.
„„На обвинетиот Н.В. му е определена гаранција во износ од 183.981 евра, која се состои од ставање под хипотека на недвижен имот, додека на обвинетиот Н.Н. му е определена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на недвижен имот“, се вели во соопштението на Кривичен суд.
Покрај прифатената гаранција, на обвинетите им се изречени и неколку дополнителни мерки за претпазливост со кои им се ограничува движењето.
„На обвинетите им се определени и следните мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на град Скопје; обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот; и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница“, појаснуваат од Кривичниот суд.
Судскиот совет при носењето на одлуката го земал предвид и законскиот рок до кој најдоцна можела да трае претходно определената мерка притвор.
„Судот го имал предвид и фактот дека мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби, може да биде продолжувана и да трае најдоцна до 18 јули 2026 година. Со оглед дека надлежното обвинителство се откажа од правото на жалба против овие решенија, а хипотеката понудена како гаранција е веќе впишана во Катастарот на недвижности, истите станаа правосилни, по што обвинетите се ослободени од притвор“, стои во соопштението на судот.
Поранешниот директор на Онкологија, Васев, и поранешниот организациски директор, Нехат Нухи, се обвинети во судскиот процес познат како „Онкологија 2“ за тешки кривични дела: злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата. Дополнително, против Васев во тек е и друго судење „Онкологија1“ за обвинението за несоодветен третман на пациенти. (П.А.)












