| Компании бележат огромни заработки од нестабилноста на пазарите и геополитичката криза |
Домаќинствата низ целиот свет се соочуваат со зголемени трошоци за живот поради војната меѓу САД и Израел против Иран. Неизвесноста предизвикана од војната и затворањето на Ормутскиот теснец од страна на Иран за повеќето земји ги зголеми трошоците за живот и ги погоди буџетите на компаниите, владите и семејствата.
Но, додека некои се доведени до работ на колапс, други, чии основни бизниси се попрофитабилни во војната или имаат корист од нестабилните цени на енергијата, бележат рекордни профити.
Најголемото економско влијание на војната досега е наглиот пораст на цените на енергенсите. Околу една петтина од светската нафта и гас се транспортира преку Ормускиот теснец, но тие пратки беа претежно суспендирани кон крајот на февруари за „непријателските земји“, како што објави Иран. Резултатот беше промена на цените на енергетските пазари, од која корист имаа некои од најголемите светски компании за нафта и гас.
Главните корисници беа европските нафтени гиганти, кои имаат трговски подружници и беа во можност да профитираат од остри движења на цените, зголемувајќи го профитот. Бритиш Петролеум (БП), британска мултинационална компанија за нафта и гас, го зголеми својот профит повеќе од двојно на 3,2 милијарди долари (2,7 милијарди евра) во првите три месеци од 2026 година, што е, според компанијата, „исклучителен“ резултат. Шел, друга голема мултинационална компанија, ги надмина очекувањата на аналитичарите кога објави пораст на заработката во првиот квартал на 6,92 милијарди долари (5,88 милијарди евра). Друг меѓународен гигант, Тотал Енерџис, забележа скок на профитот за речиси една третина на 5,4 милијарди долари (4,6 милијарди евра) во првиот квартал од 2026 година, благодарение на нестабилноста на пазарите на нафта и енергија. Американските гиганти ЕксонМобил и Шеврон забележаа пад на заработката во споредба со истиот период минатата година, поради прекини во снабдувањето од Блискиот Исток.
Сепак, обете компании ги надминаа прогнозите на аналитичарите и очекуваат нивниот профит да продолжи да расте како што напредува годината, бидејќи цените на нафтата остануваат значително повисоки отколку кога избувна војната.
Некои од најголемите банки, исто така, ги зголемија своите приходи од почетокот на американско-израелската војна против Иран. Трговскиот огранок на ЏиПи Морган објави рекордни 11,6 милијарди долари (1,36 милијарди евра) приходи во првите три месеци од 2026 година, помагајќи ѝ на банката да го оствари својот втор највисок квартален профит во својата историја. Другите банки, кои се дел од таканаречената „Голема шесторка“ – Банк оф Америка, Морган и Стенли, Ситигруп, Голдман и Сакс и Велс Фарго – забележаа значително зголемување на нивните приходи во првиот квартал од годината.
Банките, вкупно, објавија заработка од 47,7 милијарди долари (околу 40 милијарди евра) за првите три месеци од 2026 година.
Еден од најнепосредните корисници од секој конфликт е одбранбениот сектор, според Емили Савич, виш аналитичар во консултантската компанија RSM UK.
„Конфликтот ги намали капацитетите за воздушна одбрана, забрзувајќи ги инвестициите во ракетна одбрана, системи против беспилотни летала и воена опрема низ Европа и САД“, изјави таа за Би-Би-Си.
Покрај тоа што ја нагласува важноста на одбранбените фирми, војната ја зголемува побарувачката за оружје и врши притисок врз владите да ги обноват воените залихи.
БАЕ Системс, која произведува компоненти за борбениот авион Ф-35, во извештајот за тргување на почетокот на мај изјави дека очекува силен раст на продажбата и заработката оваа година. Во него се наведуваат растечките „безбедносни закани“ низ целиот свет кои ги зголемуваат владините трошоци за одбрана, што пак создаде „основна поддршка“ за компанијата. Локхид Мартин, Боинг и Нортроп Груман, трите најголеми изведувачи на одбранбени производи во светот, објавија рекордни нарачки на крајот од првиот квартал од 2026 година.
Но, акциите на одбранбените компании, кои пораснаа во последните години, паднаа од средината на март поради стравувањата дека секторот е преценет.
Конфликтот, исто така, ја истакна потребата од диверзификација на изворите на енергија и намалување на зависноста од фосилни горива. Ова „го засили интересот за секторот за обновлива енергија“ дури и во САД, каде што администрацијата на Трамп го популаризираше слоганот „дупчи, бејби, дупчи“, охрабрувајќи поголема употреба на фосилни горива, се сеќава таа.
Војната, како што пишува Би-Би-Си доведе до тоа инвестициите во обновлива енергија да се сметаат за сè поважни за стабилноста и отпорноста на шокови.
Една таква компанија е НекстЕра Енерџи со седиште во Флорида, чии акции пораснаа за 17 проценти досега оваа година, бидејќи инвеститорите ја купуваат нејзината мисија. Вестас и Орстед, данските гиганти за енергија од ветер, исто така објавија зголемување на заработката, истакнувајќи како последиците од војната во Иран ги поттикнуваат компаниите за обновлива енергија.
Во Велика Британија, војната предизвика „огромен шок“ во продажбата на соларни панели и топлински пумпи, при што продажбата на соларни панели се зголеми за 50 проценти од крајот на февруари до средината на мај 2026 година. Остриот пораст на цените на бензинот, исто така, ја зголеми побарувачката за електрични возила, а оваа можност одобено ја искористија кинеските производители.












