Легендарниот француски кошаркар, Никола Батум, на 37 години ѝ стави крај на својата професионална кариера, но датумот што го избра за пензионирање има исклучително емотивно значење. Тој одлучи да се повлече на 21 септември, денот во 1991 година, кога починал неговиот татко, Ричард, пред неговите очи, откако доживеал аневризма во текот на кошаркарски натпревар. Никола тогаш имал само две и пол години.

Три и пол децении подоцна, реши токму на тој датум да го затвори кругот и да почне ново поглавје во животот. Во своето проштално видео, тој разговара со својот десетгодишен син, Ејден, кој не сака тој да престане да игра кошарка.

  • Тато, дали е вистина дека ја оставаш кошарката? – го прашува Ејден, на што Батум му одговара дека дошло неговото време до крајот.

Но, потоа следува најемотивниот дел од разговорот. Батум му објаснува дека не се плаши од животот по кошарката, бидејќи успеал да го доживее она што неговиот татко никогаш немал можност да го доживее.

  • Твојот дедо почина на кошаркарски терен – јас не. Неговата кариера заврши затоа што почина, па никогаш немаше можност да продолжи со животот по кошарката. Јас морам – му вели Батум на својот син.

Тој додава дека е мирен поради својата одлука. Сега сака да поминува повеќе време со семејството и да биде присутен во животот на своите деца.

  • Конечно, можам да живеам нов живот – таков каков што не можев да доживеам како дете. Ќе можам да живеам на начин на кој не можеше татко ми – порача Батум.

Особено емотивен момент за него е од Олимписките игри во Париз во 2024 година, кога играше Франција полуфинале против Германија. Неговиот син, Ејден, тогаш беше покрај него на теренот.

Батум го опиша тој момент како најубавиот кошаркарски момент во својот живот, бидејќи успеал да создаде со својот син спомен што самиот никогаш не можел да го има со својот татко.

Во текот на кариерата, тој помина 18 години во НБА-лигата и 15 години во француската репрезентација. Со националниот тим освои повеќе големи медали и беше еден од симболите на француската кошарка.

  • Почнав да играм кога имав две и пол години. Сега мислам дека помина моето време. Се повлеков од репрезентацијата пред две години, а сега завршува и мојата НБА-кариера – објасни тој.

На крајот, им се заблагодари на сите тренери, клубови и луѓе што му помогнале да стане професионален кошаркар.

По 25 години исполнети со огромни жртви, успеси и со незаборавни моменти, Батум заминува од теренот со порака дека е подготвен за нова фаза од својот живот.

  • Тешко ми е да го соопштам ова, бидејќи зад мене се 25 години големи жртви, но задоволен сум – заврши Батум.

ИЗДВОЕНИ