Русија ги зголемува капацитетите за производство на јаглеродни влакна, што ќе овозможи да се зголеми производството на вооружени дронови за 78 проценти. Експерти предупредуваат дека не треба да се гледа тоа само како проблем за украинскиот фронт туку и како долгорочен предизвик за безбедноста на цела Европа. Финскиот претседател, Стуб, рече дека Москва не сака отворена војна со НАТО, но се обидува со заплашување да ја натера Европа да ја намали својата поддршка за Украина
Русија планира значително да го прошири производството на камикаѕе-дронови што ги користи во нападите врз Украина. Според плановите до кои дојде „Политико“, клучна улога во ова ќе игра фабриката „Алабуга-Волокно“ во руската Република Татарстан, која работи во рамките на државната „Росатом“.
Проширувањето на фабриката треба да овозможи производство на дополнителни 500 тони јаглеродни влакна годишно до 2029 година, материјал без кој не е можно да се направи дрон. Според процената на експертот за оружје Дејвид Олбрајт, новите капацитети би можеле да обезбедат доволно материјал за производство на уште 28.000 вооружени дронови годишно, што е зголемување на производството од околу 78 проценти. Украина проценува дека Русија веќе може да произведува повеќе од 36.000 камикаѕе-дронови годишно, познати како „геран“. Рускиот „геран-2“ е базиран на дизајнот на иранскиот дрон „шахед“ и e едно од главните оружја на Москва во воздушните напади. Проширувањето на производствените капацитети сè повеќе се смета за безбедносен предизвик што ги надминува границите на Украина.
– Експанзијата на „Алабуга“ и на сродните компании не треба да се гледа само како проблем за украинскиот фронт туку и како долгорочен предизвик за безбедноста на цела Европа – рече Серхиј Кузан, директор на украинскиот центар за безбедност и соработка.
Тој предупреди дека хибридната стратегија на Русија сè повеќе се приближува кон подиректни форми на ескалација, посочувајќи ги регистрираните упади на руски беспилотни летала во воздушниот простор на Полска и на Романија. Во меѓувреме, Русија почна да инсталира млазни мотори во некои верзии на беспилотните летала „геран“, што им овозможува поголема брзина и дострел. Според Кузан, беспилотните летала произведени во специјалната економска зона „Алабуга“ би можеле да станат едно од главните средства за идните руски операции во Европа. Николас Фентон од Центарот за стратешки и меѓународни студии вели дека Русите добиваат на интензитет во воздушната војна, продолжувајќи да ги подобруваат овие системи и да го прошируваат производството. Тој додава дека постои сериозна загриженост за тоа што би можело да се случи следно.
Од друга страна, финскиот претседател, Александар Стуб, во услови на сè почести предупредувања за можна руска ескалација, вчера им испрати порака на европските партнери да останат смирени. Откако последниве денови неколкумина високи европски претставници предупредија за зајакнување на руското хибридно војување, тој изјави дека Москва не сака отворена војна со НАТО, но се обидува со заплашување да ја натера Европа да ја намали својата поддршка за Украина. Стуб признава дека Европа мора да се подготви за „продолжување на хибридните напади и саботажи“, но предупредува дека не треба да „се претерува со реакција“.
– Мора да бидеме многу внимателни и да разбереме дека Русија се обидува да ја дестабилизира и исплаши Европа. Секојпат кога претерано реагираме на хибриден напад, тие, всушност победуваат – рече Стуб на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, додавајќи дека Русија нема ниту интерес ниту капацитет за целосна воена ескалација.












