
Уште еден неуспешен квалификациски циклус е зад фудбалската репрезентација на Македонија. За разлика од оние што некогаш беа дел од Југославија, нашиот национален тим и неговите најверни навивачи ќе следат уште едно Светско првенство пред малите телевизиски екрани и ќе навиваат за некоја друга селекција.
За Хрватска веќе е нормално да биде дел од завршниот турнир, на последните два мундијали освои сребро и бронза, а во нејзино друштво сега ќе биде ѝ репрезентацијата на Босна и Херцеговина.
Босанците успеаја во финалниот бараж-дуел да го елиминираат четирикратниот светски шампион, репрезентацијата на Италија, која трет пат по ред нема да биде дел од едно СП.
На соседно Косово малку му недостигаше да обезбеди историски пласман, доживеа минимален пораз од Турција во финалниот бараж-дуел, додека Србија полека, но сигурно се буди и сигурно ќе биде незгоден противник во квалификацискиот циклус за ЕП 2028.
Сега, сигурно се прашувате каде е Македонија во оваа приказна. Во квалификациите завршивме на третата позиција, иако никогаш претходно не сме имале полесна група, Белгија беше апсолутен фаворит, а од Велс ја загубивме битката за втората позиција.
Благодарение на првото место во Лигата на нациите, да не е ова натпреварување, тешко дека ќе постои трошка надеж дека по втор пат ќе се пласираме на некаков завршен турнир, Македонија одигра полуфинален бараж-дуел за пласман на СП 2026, против селекцијата на Данска, која забележа убедлива победа од 4:0, но пет ден подоцна загуби од Чешка, во финалето и нема да ги види САД, Мексико и Канада.
Како утешна награда, Македонија одигра пријателски натпревар во Даблин, против селекцијата на Ирска и тој дуел заврши без погодоци. Можеби, главна вест од тој натпревар е информацијата дека нашиот национален тим упати еден директен удар кон противничкиот гол.
За разлика од тоа, објективната јавност има реална слика за репрезентацијата и со право е загрижена, затоа што нема игра, нема удари кон противничкиот гол, нема напредок и има само алиби. Предводникот на националниот тим, Гоце Седлоски, по дуелот во Даблин изјави дека е задоволен од прикажаното и дека е прашање само на време кога ќе дојдат и головите.
– По оној исцрпувачки меч и пораз од Данска, сега ремизиравме против Ирска, во дуел на кој немаше многу шанси. Задоволен сум, им дадов шанса на сите фудбалери, голем дел од нив ја оправдаа довербата на оваа средба. Фетаи беше дебитант и одлично се покажа. Мора да работиме и понатаму, сакам да бидеме и офанзивни и верувам дека ќе дојдат и головите – изјави Седлоски на прес-конференцијата во Даблин.
За крај, главните поенти, кога се последните два натпревари на репрезентацијата во прашање, се: убедлив пораз од Данска, еден директен удар кон противничкиот гол на последните два натпревари, бледа игра против Ирска, Седлоски се „закачи“ со Трајковски и Миовски, Трајковски се збогува со репрезентацијата, уште едно Светско првенство пред ТВ-екраните, но головите ќе дојдат.










