До крајот на годинава не се предвидува издавање нова еврообврзница, а сите планирани активности за обезбедување средства за отплата на доспеаните обврски се реализирани согласно со буџетските проекции, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во телевизиско интервју. Неодамна е целосно исплатена еврообврзницата издадена во 2020 година во вредност од 700 милиони евра, а според министерката, финансиските потреби предвидени со Буџетот за 2026 година се реализираат според планираната динамика.

– Сето она што значеше обезбедување средства за отплата на старите долгови е веќе реализирано. До крајот на годината, останува обезбедување средства за сервисирање на буџетскиот дефицит и дел од обврските по основ на државни хартии од вредност и надворешно задолжување – изјави Димитриеска-Кочоска.

Според неа, Министерството за финансии, годинава, успешно ги затворило сите клучни финансиски операции, вклучително и обезбедувањето средства преку кредит од странски банки во износ од 260 милиони евра, како и средствата од Реформската агенда. Министерката нагласи дека сервисирањето на јавниот долг останува приоритет на Владата, оценувајќи дека навременото исполнување на обврските е од суштинско значење за финансиската стабилност и меѓународниот кредибилитет на државата.

– Прво мора да обезбедите средства за враќање на старите долгови. Доцнењето во сервисирањето на обврските е една од најсериозните ситуации со кои може да се соочи една држава. Затоа нашиот фокус е насочен кон навремено исполнување на сите доспеани обврски – истакна таа.

Димитриеска-Кочоска посочи дека еден од најголемите предизвици за Министерството е концентрацијата на долговите во релативно краток период од четири години, поради што и во иднина ќе има потреба од задолжување на меѓународните пазари на капитал. Сепак, таа нагласи дека идните издавања на еврообврзници ќе бидат внимателно структурирани со цел да се избегнат ризиците од натрупување на големи обврски во кратки рокови.

Осврнувајќи се на нивото на јавниот долг, министерката оцени дека задолжувањето не претставува проблем доколку средствата се насочуваат кон проекти со развојна компонента и економска додадена вредност.

– Секој нов долг што се инвестира во проекти кои генерираат економски ефекти придонесува за подобрување на економските показатели и за одржување на стабилноста на јавните финансии – рече таа.

Во интервјуто беше посочено и дека Буџетот останува ликвиден и дека нема пречки во редовното сервисирање на тековните обврски, вклучително и повратот на ДДВ кон компаниите. Според министерката, заклучно со мај годинава е реализиран поврат на ДДВ поголем за 4,7 проценти во споредба со истиот период лани, што, како што рече, претставува дополнителен показател за стабилноста на јавните финансии.

Димитриеска-Кочоска се осврна и на најновите податоци за економската активност, оценувајќи дека порастот на бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2026 година е резултат на зголемените јавни и приватни инвестиции. Според неа, позитивните економски трендови се потврдуваат и преку двоцифрениот раст на кредитната активност во приватниот сектор, како и преку зголемените инвестиции поддржани со средствата од унгарскиот заем.

– Имаме стабилен економски циклус и позитивна инвестициска клима која создава услови за продолжување на развојните процеси и во наредниот период – истакна министерката за финансии.

ИЗДВОЕНИ